Од штабот на ВМРО-ДПМНЕ излегоа со првични податоци за изборните резултати од претседателските избори. Според податоците од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов е во водство пред Стево Пендаровски за 33.662 гласови.
Од вкупно обработени 23,4 отсто од гласачките ливчиња, според ВМРО-ДПМНЕ, Иванов добил 54,28 отсто од гласовите (97.077 гласови). Пендаровски, според досега обработените податоци од штабот на владејачката партија, добил 35,46 отсто од гласовите или 63.415 гласови.
Претседателскиот кандидат од ДПА Илјаз Халими добил 9.960 гласови или 5,57 отсто од досега обработените гласачки ливчиња. Кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски, според ВМРО-ДПМНЕ, има 5.065 гласови или 3,85 отсто.
Според репортерите на „Фокус“ кои ги следат изборните резултати од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, во партијата заедно дошле портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев и Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања (ИПИС). Во штабот на владејачката партија се и пратеникот Илија Димовски, Филип Петровски, како и доктор Андон Чибишев кој отворено застана зад кандидатурата на Иванов.