ВМРО-ДПМНЕ: Истакнати граѓани се малтретираат низ затвори и судови

by fokus

Република Македонија е заробена држава. Институциите не се во служба на граѓаните, туку на владејачката структура. Демократијата е суспендирана, а правото девалвирано. Државата тоне на индексот на корупција на Транспаренси. Правосудството се претвори во испостава на СДСМ. Одлуките не се носат по закон, туку по партиски диктат, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека во Македонија има економска стагнација поради како што пишуваат, правна несигурност и корупција, додека во земјите во регионот и Европа има раст.

Економијата минатата година остана забетонирана на нула. Нема раст, нема подобар живот. Секој ден со СДСМ на власт е се полош и полош. СДСМ ги задолжи државата и граѓаните за 1.6 милијарди евра за 10 месеци. Нула инвестиции. Покачување на давачките. Ова ја зголеми несигурноста кај граѓаните. Општеството е во апатија. Граѓаните не се чувствуваат сигурно. СДСМ катастрофално ја води државата. Свесни за бездната кон која ја туркаат Република Македонија, а слепо водени од желбата за власт се злоупотребуваат институциите, законите се само мртво слово на хартија, а судството нем извршител на наредбите од партиската врхушка“, наведуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека истакнати граѓани, лекари, полицајци и уметници со месеци неосновано се малтретираат низ судови и затвори затоа што биле против политиките на премиерот Зоран Заев, а според нив има десетици политички жртви кои се користеле како дефокус од лошите политики.

„Правосудните органи паднаа на тестот за независност. Цела Европа и целиот демократски свет видоа дека во Република Македонија нема независно и непристрасно судство, туку судство под контрола на власта. Дејствијата на правосудните органи во врска со настаните од 27-ми април се темна страница на македонското правосудство. Овие дејствија ќе бидат проучувани низ светот како начин на политичка конструкција на судски процес и ќе бидат срам за цела една генерација Македонци. Овој терор мора да запре. Државата мора да стави крај на незаконието. СДСМ не може да обезбеди праведност. СДСМ е креатор на неправедноста. Граѓаните заслужуваат правна држава, со цврсти принципи. Граѓаните заслужуваат подобро“, пишува во соопштението на опозициската партија.

Поврзани новости