ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните не го гласаа Шилегов за да прави хумор, туку да работи

by fokus

Скопје веќе неколку дена по ред се наоѓа помеѓу 10 најзагадени градови во светот, а Шилегов не презема ништо за да ја подобри ситуацијата, ова денеска на прес-конференција го истакна Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во текот на вчерашниот ден на неколку локации во Скопје измерени се енормни стапки на загаденост за овој период од годината. Мерната станица кај Ректорат измерила ниво на канцерогени ПМ 10 честички во висина од 169  µg/m3, што е три пати повеќе од дозволеното, додека мерната станица во Центар покажала ниво на загаденост од 100  µg/m3, односно два пати повеќе од дозволеното. Ветуваа живот, а донесоа смог, загаден воздух и зголемен број на канцерогени честички во воздухот. Најголемото предизборно ветување на Шилегов дека ќе обезбеди почист воздух не го реализира, ниту презема било што во насока на подобрување на квалитетот на воздухот. Напротив централната влада, од чии партиски редови доаѓа и Шилегов крати од Буџетот за животна средина, додава Попова.

Таа вели и дека ниво на загаденост од два до три пати над дозволеното во период пред отпочнување на грејната сезона е алармантно и недозволиво. Шилегов е директен виновник за ваквата ситуација. Иако повеќе од една година е градоначалник нема преземено ниту една мерка за превенција и подобрување на квалитетот на воздухот.

-Шилегов од опозиција ветуваше итни мерки за справување со загаденоста на воздухот, за сега  да приредува хумористични стенд ап настапи за својата не работа, додека Скопје се гуши. Господине Шилегов, граѓаните не ве гласаа да кажувате колку не работите и од тоа да правите хумор, бидејќи на граѓаните не им е до смеа кога со респираторни болести ги полнат болниците. Скопјани очекуваат работа, а не хумор од човекот кој според функција е градски татко. Ако не сте способни да се справите со реалните проблеми на граѓаните поднесете си оставка, заврши Попова.

Поврзани новости