ВМРО-ДПМНЕ: Фирмата што се јавила на милионскиот тендер на Филипче е регистрирана на иста адреса со канцеларијата на адвокат на Заев

by Фокус

Никој не му верува на министерот за здравство Венко Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на Филипче на која тој истакна дека договорот а јавна набавка се уште не е склучен, туку тендерската постапка е во фаза на евалуација.

„Граѓаните очекуваат одговор зошто во тендерската документација се наведува името на производителот на апаратите и реагенсите кои се набавуваат? Зошто се спречува набавка од друг производител и дали некој извлекол лична корист и колкава е таа за да распише ваква набавка? Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев? Дали имало закани и од кого кон останатите компании кои долго време се во овој бизнис? Кое е бизнис искуството на двете момчиња и кој стои зад нив, односно зад првата посериозна бизнис-зделка која ја имаат во животот, а тежи 35 милиони евра?“, велат од ДПМНЕ.

Според партијата, сите факти говорат дека ова е штетен проект по здравјето и животот на граѓаните, кој е истовремено и значително поскап од претходниот систем на децентрализирани лаборатории.

„Идејата на Заев и Филипче ќе чини дополнителни средства за транспорт на хуманиот биолошки материјал, ќе ги покачи цените на чинење на биохемиските реагенси за 2-3 пати од 368 милиони денари претходно на 803 милиони денари сега, имунолошките реагенси за повеќе од половина од 692 милиони денари претходно на 940 милиони денари сега, а хематолошките реагенси за дури 4 пати од 50 милиони денари претходно на 208 милиони денари сега. Ова е удар по буџетот и здравствените услуги за граѓаните“, потенцираат од партијата на чело со Христијан Мицковски.

Поврзани новости