ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фркација: Зарем е можно најголемата државотворна партија да нема цврст став по ниту едно прашање?

by fokus

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ испрати критики кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оттаму порачуваат дека им е смачено од политичари со двојни и тројни аршини.

„На Демократската Фракција на ВМРО ДПМНЕ и на сите чесни и искрени вмровци им е смачено од ,,пресметливи” политичари со двојни и тројни аршини, посебно од оние наметнатите во нашите редови. Зарем е можно најголемата државнотворна партија да нема цврст став по ниту едно прашање, а посебно по прашањето кога државните функционери со скршена кичма ја обезличуваат државата по сите основи?.

Да не се соопшти цврст и јасен став на членството и на јавноста, да не се поведе народот во овие клучни моменти е одлика на кукавици и луѓе кои имаат други приоритетни интереси. Долгото молчење, манипулирањето со јавноста и членството, тајното кокетирање со претставници на меѓународната заедница и обидот да се заштитат криминалците во сопствените редови ја докусурија партијата. На вмровците и на Македонците многу побитна им е државата отколку умислената желба лидерот брзо да дојде до удобна премиерска фотеља.

Да го потсетиме наметнатиот лидер на кажаното: ,,Ако водам следете ме, ако се двоумам потурнете ме, ако ве предадам убијте ме”. Мицковски…!, Благодарение на криминалците во нашите редови, кои те насадија на лидерската позиција ти не водеше, заради партијата ние те следевме, а ти не предаде. Кога се двоумеше ние те туркавме и храбревме заради доброто на сите. Но, ти не остави сами да одлучуваме заради твоите калкулантски математики, иако нашиот став е јасен и гласен, БОЈКОТ на референдумот чија основа е Договорот од Преспа. Твоето време и шанса помина, ја доведе партијата на срамни позиции и затоа замини си пред да се одржи референдумот. Ние сакавме лидер и раководство кое ќе застане пред народот, а не кој ќе се крие зад него.

На ВМРО и на Македонија потребно им е ново одлучно и храбро раководство, со јасен став за сите прашања, а не лидер кој се двоуми и кој постојано е посветен на ,,математиката”. Потребно е партиско раководство кое има свои принципиелно зацртани црвени линии и ставови за заштита на државата, името на државата и националните интереси“, се вело во соопштението на Демократската фракција.

Поврзани новости