ВМРО – ДПМНЕ безмилосно тргна во лов на гласачи: Ги брои своите, се остри на другите!

by fokus

 Изборната машинерија е во погон. ВМРО – ДПМНЕ не бира средства во притисокот врз гласачите што го засилува во предизборието. Во лов на неопределените, освен партиските оперативци кои веќе наголемо нудат вработувања од врата на врата, за глас повеќе за партијата на Груевски притискаат и наставници во основните училишта среде работно време.

Документот (партиски образец) до кој дојде „Фокус“, во случајов, го користат најлојалните наставници – агитатори кои секој момент во текот на работното време го злоупотребуваат да ги убедат граѓаните да гласаат за ВМРО – ДПМНЕ. Влегуваат на часови, излегуваат среде часови, притискаат, уценуваат, нудат, се закануваат“, сведочат граѓани што биле мета на учителите – агитатори.

Наставниот кадар, како што се пожалија во редакцијата на „Фокус“, е под силен притисок – „Дали да агитира или да им држи часови на учениците“ . И не само тоа. Наставниците што ја вршат само едукативнатата, но не и партиската работа се во уште понезавидна положба –  не само што се принудени да ги одработуваат часовите на нивните колеги – агитатори, туку секој ден се во неизвесност, страв за своите работни места.

Најлојалните агитатори се задолжени, во посебен образец скришно, ама уредно да го евидентираат со име и со презиме секој анкетиран што ќе гласа за ВМРО – ДПМНЕ, но и оние што рекле дека нема да гласаат за таа партија и да се наведат причините за тоа. Вака спакуваниот „образец од теренската обработка на таргет група“ завршува во општинските комитети на ВМРО – ДПМНЕ каде што освен пребројувањето на оние што изјавиле дека ќе гласаат за ВМРО – ДПМНЕ се готви стратегија како да се освојат (окупираат) неопределените и оние што се изјасниле против.

Просторот за злоупотреби е отворен. Никој не може да гарантира дека е поинаку кога веќе партијата на ачик го има гласачот, кој откако ќе го открие својот фаворит без знаење влегува во гласачкото досие на партијата. И не е исклучено во истиот момент да стане мета на партиските оперативци кои можат да ви дојдат во секое време дома – за „арно или за зло“, зависи од политичката определба.

„Токму овој документ зборува за тоа дека линијата на разграничување помеѓу партијата и државата дополнително се замаглува, односно целосно исчезнува во предизборниот период. ВМРО-ДПМНЕ како потписник на Пржинскиот договор, кој е заснован на забелешките не Прибе, со ваквата пракса демонстрира отсуство на политичка волја за менување на состојбите во односот помеѓу партијата и државата, со што го прекршува договорот“, вели политикологот Стојанче Манев.

Очигледно е, вели Манев, дека ВМРО – ДПМНЕ, продолжува со внатрепартиски предизборни активности кои во себе инкорпирираат инситуционални ресурси на централната и на локалната власт, односно се активира систем на награди и казни, на закани и уцени, кој непосредно пред изборите ќе биде насочен кон дел од гласачкото тело на чиј глас не можат со сигурност да сметаат.      С.М.

Поврзани новости