ВМРО-ДПМНЕ бара oставка од Заев поради блокадата од Софија за преговарачката рамка

by Fokus

Оставка од премиерот Зоран Заев, поради блокадата од Софија за преговарачката рамка, бара и утрово ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на негова изјава од пред речиси една и пол година, за време на првиот мандат на владата на СДСМ и на ДУИ, кога за Северна Македонија се уште немаше одлука за старт на преговори со ЕУ.

Во прилог на денешното соопштение, ВМРО-ДПМНЕ достави две фотографии со изјави на Заев во врска со преговорите со ЕУ.

Едната фотографија е од синоќешното гостување на премиерот на ТВ 21, каде што тој изјави дека нема да поднесе оставка, поради блокадата од Бугарија на вчерашниот министерски совет на ЕУ.

Втората фотографија е од интервју на Заев за белгиски весник, од почетокот на јуни 2019 година, кога С Македонија чекаше одлука за почеток на преговорите, за четири месеци подоцна да се соочи со француското „не“ на минатогодишниот Европски самит.

Тогаш Заев побара предвремени парламентарни избори, за добивање нов мандат. Поради ковид-кризата, изборите, наместо на 12 април годинава, се одржаа на 15 јули. Во меѓувреме, за време на техничката Влада во земјава, и (претходното) хрватското претседавање со ЕУ, беше донесена одлуката за старт на преговорите.

Германскиот државен министер за Европа Михаел Рот, кој претседаваше вчера со министерскиот совет на ЕУ, изјави дека Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, имала за цел првата меѓувладина конфереција со Македонија да се одржи во декември, за што рече дека претстојат разговори меѓу Скопје и Софија и во наредните денови и неколку седмици.

-Измамникот Заев вети и излажа дека ќе си даде оставка ако нема датум за преговори. Зоран Заев не е способен да си го исполни сопственото ветување дека ќе си замине ако нема успех на планот на европски интеграции. Заев доби власт на две основни лажни ветувања, живот за секого, и преговори со ЕУ. И во двете не успеа и ги разочара граѓаните. Државава тоне во тешка политичка, економска и здравствена криза. Отстапките на Заев завршија со ново фијаско. Нема повеќе ниту една причина измамникот Заев да биде премиер кога со него државава бележи само порази и неуспеси, критикува ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.

Од опозициската партија и синоќа реагираа на интервјуто на Заев, во кое тој говореше за последниот развој на односите со Бугарија, кој создаде нова неизвесност околу почетокот на преговорите на нашата земја со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ бара Заев да се повлече од премиерската функција и да се формира влада за национален спас.

Заев изјави синоќа дека нема да поднесе оставка.

-Лично ми паѓа тешко, ова е голема неправда и немам друго објаснување освен дека ова е поради близината на изборите во Бугарија. Она што се случи не е својствено за Европа: Фон дер Лајен, потпретседателот на ЕК, Лајчак, поранешниот премиер на Грција, Ципрас, министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас да кажуваат вакви зборови за Заев и со тоа за нашиот народ, но кога требаше да испорачаат нешто денеска, веќе да не се држат до тие европски вредности и Европа да направи нешто што значи уназадување на европските вредности – да не добиеме зелено светло поради една земја членка, и тоа наш сосед, рече Заев, посочувајќи дека очекува да седне на маса со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Поврзани новости