ВМРО-ДПМНЕ бара да се повлече логото за одбележување на независноста

by Fokus

Предложеното идејно решение на логото за одбележување 30 години самостојност не претставува ништо друго, освен брутално сквернавење на знамето на Република Македонија како симбол на нејзината државност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму бараат итно и неодложно повлекување на идејното решение, како и да се распише нов конкурс со прецизни параметри при изборот на ново лого.

-Покрај прикажаниот естески аматеризам, предложеното решение го доведува во прашање општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност. Непостоењето на терминот ‘Република’ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата вчера го презентира логото по повод 30 годишнината од независноста и соопшти дека ќе се применува на сите јавни настани на државните институции во претстојниот период, како дел од визуелизацијата на сеопфатната програма за одбележување 30 години од референдумот на кој се изгласа независноста.

И покрај критиките од јавноста, од Владата велат дека на логото се обединети сите симболи со кои се потенцира јубилејот.

-Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој… Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност, кажаа вчера од Владата.

Поврзани новости