Влезници за мјузиклот во чест на Проески за 1.200 денари: Тоше ги сакаше и сиромашните!

by fokus

 

Премиерата на долго најавуваниот мјузикл во чест на Тоше Проески, ,,Тајно моја’’ ќе се случи на дваесетичетврти март, а ќе следат уште две претстави на дваесетишести и дваесетиосми март.

И покрај тоа што интересот на публиката е голем, сепак не изостануваат и критиките околу цената на влезниците. На социјалните мрежи најчесто се коментира дека 1.200 денари за билет е нешто кое што не може да си го дозволи секое семејство, и се добива впечаток дека претставата е правена само за оние со подлабок џеб.

,,За едно четиричлено семејство потребно е да се одвојат 4.800 денари. Има луѓе и од внатрешноста на земјава кои што сакаат да го гледаат мјузиклот, па со трошоците за патување сигурно ќе ги чини околу 100 евра. Сепак, Тоше ги сакаше сите, познат е по својата љубов кон публиката, по хуманоста и помагањето на сиромашните граѓани. Сега, со овие цени на влезниците, излегува дека сиромашните не ќе можат да си го дозволат задоволството  да присуствуваат на претставата’’ – се најчестите коментари.

Мјузиклот „Тајно моја“ е проект во копродукција со фондацијата “Тоше Проески“ во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда по повод 10 години од неговата прерана смрт.

Мјузиклот ја следи љубовната приказна на млад пар. Нивната љубов пламнува за миг, но нивните разлики ќе ја доведат нивната љубов во прашање… Македонски “Ромео и Јулија“, сместени во периодот на транзиција, на почетокот на 21-от век. Време кога љубовта ги милува и освојува сите срца преку нотите и стиховите на Тоше Проески – е темата на претставата.

Мјузиклот е базиран на голем број музички хитови на Тоше Проески, како Тајно моја, Немаш ни благодарам, Игри без граници, Полско цвеќе, Усни на усни, Сонце во твоите руси куси, The Hardest Thing и други.

Диригент е Иван Еминовиќ, а режисер Тони Михајловски.

Учествуваат Антонија Гиговска, Денис Димоски, Јана Стојановска, Александар Тарабунов, Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Арна Шијак, Дејан Лилиќ, Лазе Манасков, Сара Гигова, Хелена Мочевиќ, Љупка Арсова, Тања Бојковска, Мила Николовска, Анастасија Аврамовска, Симеон Коруноски, Јане Дунимаглоски, Ристе Гавроски, Марко Димитриевски, Марјан Стојановски и други.

Настапува Оркестарот, Хорот и Балетскиот ансамбл на МОБ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости