Влатко Стефановски „оди како алва“ во Хрватска!

by Fokus

Виртуозот на гитара Влатко Стефановски, кој карантинот го помина работно и ги израдува фановите со новиот албум ,,Taftalidze Shuffle” руши рекорди во Хрватска. Неговото ново музичко дело е на врвот на листата на најпродавани албуми во Хрватска, објавија од Croatia Records.

-Едно од најисчекуваните изданија во 2020 година, и повторно покажа дека Влатко припаѓа на светската гитаристичка елита, а новите песни за краток рок ги освоија многубројните обожаватели на неговата музика – информираат од најголемата хрватска дискографска куќа.

Песните на новиот албум на Стефановски се отпеани на македонски јазик, а на листата на најпродавани, зад него се најдоа Црвена Јабука, Бајага, Габи Новак и други музички ѕвезди. Минатиот месец, пред официјално да биде промовиран албумот, во разговор за ,,Фокус” музичарот појасни дека песните започнале да се создаваат уште во јануари, па се до октомври, во време на карантин, полициски часови и неизвесност поради пандемијата.

-Решив да имам еден конструктивен карантин, се фрлив на работа, имам многу соработници на ова музичко дело. Се работеше онлајн, на албумот има девет песни од кои две се инструментални, останатите се вокално – инструментални – ни изјави тогаш Стефановски, а како гости на албумот, кој во слободен превод би значел влечкање низ Тафталиџе, се застапени неговиот син Јан, Андријана Јаневска, Дики Тавитјан, Кирил Џајковски, Васил Хаџиманов, Матија Дедиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости