Власта се плаши од нова објективна телевизија

by Фокус

Медиумите, особено неколку национални телевизии, отсекогаш биле главното оружје на оваа власта. Поради тоа, власта преку Агенцијата за аудио и аудиовизулени услуги, која ја има под контрола, особено внимателно избира дали и кому ќе додели дозвола за нова телевизија. Пред некој месец дозвола да отвори национална телевизија доби Сеад Кочан, главниот парнер на власта во „градежната офанзива“преку компанијата „Трансмет“, реагираа од Канал 77. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

Канал 77 по трет пат е одбиен од истата оваа агенција (АВМУ) во барањето за објавување на конкурс за дозвола за телевизиски програмски сервис со претежно информативен општ формат, преку ДВБ-Т. Според Агенцијата, може да дозволи телевизија која ќе продуцира детска и документарна програма, но не и информативна. Истражувањата пак, што ги има спроведено истата оваа Агенција велат дека 82,9 отсто од граѓаните не им верува или делумично им верува и не се задоволни од домашната телевизиска понуда и бараат објективно и професионално телевизиско информирање.

Зошто е непотребна телевизија со информативен општ формат, Агнецијата ја образложува со тоа дека ќе им се земе од колачот на сегашните телевизии.

Во објавената Студија од Агенцијата за оправданоста добивање на дозвола за телевизија каква што бара Канал 77, стои: дека “Реакциите на моменталните играчи се очекувани и легитимни бидејќи новиот играч освен што би земал дел од нивниот профит, може да наштети на целокупната индустрија доколку економски не го оправда своето постоење и згасне по одреден период.” Агенцијата е загрижена за финансискиот ефект за инвеститорот, кој во слободната економија, сам го презема ризикот со отворањето на нов медиум!

На расправата во Агенцијата при гласањето за оправданоста за отварање на конкурс за доделување на дозвола за телевизиско емитување на национално ниво преку дигитален терестеријален мултиплекс, од седумте члена, против беа членовите блиски до владеајчката партија, додека воздржано гласаа претставникот од ЗНМ и единствените двајца членови Албанци.

Во текот на расправата Милаим Фетаи сметаше дека оваа телевизијата може само да го збогати информативниот простор во државата и дека влезот на странски капитал ќе делува позитивно.

– Не знам колку оваа анализа е соодветна и од еден друг аспект и од друга стратешка точка, отварање на телевизија, нови работни места, а има најава за вложување и на странски капитал .

Според членот на советот Зоран Фидановски, телевизијата се уште е најзначаен извор на информирање.

– Публиката во овој момент покажува голем интрес за гледање на вести и информативна програма – смета Фидановски

На ова се спротистави претседателот на Агенцијата Зоран Трајчевски, кој рече дека медиуми во Македонија има премногу.

– Тоа го покажува и самата анализа и самата студија покажува дека на граѓаните им требаат поинакви содржини од она што се нуди во барањето.

Не е прв пат Зоран Трајчевски да ги следи владините политики и желбите на лидерот на неговата партија ВМРО ДПМНЕ, каде ја предводеше партиската комисија за телекомуникации. Наместо развој на радиодифузниот сектор, поради кој постои Агенцијата (АВМУ), нејзиниот претседател одбра да биде партиски послушник на партијата која е исплашена од објективно и професионално информирање.

Како и да е Радио Канал 77 не се откажува. Во својот развоен план има подготвено инфраструктура за телевизија која ги исполнува сите стандарди. Повторно ќе побара дозвола, ако треба и за кабелска телевизија.

Поврзани новости