Власта го разгледува предлогот на ДПМНЕ за земање отпечатоци при пописот

by Фокус

Власта го разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на терминали со кои би се земале отпечатоци од прсти при спроведување на пописот во април наредната година. Како што велат од Владата, во пописот нема политика, туку тоа е статистичка операција.

-Ова се разгледува од надлежните институции, но сакаме да потсетиме дека спроведување на пописот е во интерес на сите граѓани. Државата треба да ги знае точните статистички податоци и тоа е операција која повеќе не смее да ја одложуваме затоа што нејзиното организирање за општо добро. Треба сите да бидеме свесни колку ни се неопходни тие податоци кои треба да ги даде пописот за планирање на развојот на државата – изјави Мухамед Хоџа, портпарол на Владата.

Од СДСМ, пак, велат дека пописот кај нас се реализира според бројни правила на Евростат. Дополнително, истакнуваат од таму, токму во Извештајот на ЕК пописот се споменува како потребна обврска на нашата држава која треба да биде реализирана.

„Колку е неразумното ваквото тврдење и кочење на пописот од страна на ВМРО-ДПМНЕ говори фактот што Законот за попис и во првото предлагање беше со европско знаменце. Пописот не е и не смее да биде политичка операција како што тврди ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните не сакаат пописот да биде политичка политичка операција туку статистичка, како што е правилно. Тој погрешен концепт на ВМРО ДПМНЕ, пописот да биде политичка операција се потврди како погрешен во 2011 година и затоа пропадна“, соопштија од СДСМ.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ предлага да се набават 10 000 терминали за земање отпечатоци од прсти при спроведување на пописот бидејќи, според опозициската партија, начинот на кој моментално се планира да се спроведе пописот ќе даде нереални резултати од 3 милиони жители.

Поврзани новости