Владините кампањи на Груевски ја чинеле државата 38 милиони евра

by fokus

Владата на претходниот премиер, Никола Груевски, потрошила 38 милиони евра пари на граѓаните за владини кампањи, изјави денеска владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Станува збор само за седум години од десетгодишното владеење на Груевски. Администрацијата на Заев не успеала да ги најде податоците за 2006, 2007 и 2016та година. Како што рече Бошњаковски овие документи никаде ги нема.

-Граѓаните сами ја плаќале пропагандата која се спроведуваше врз нив. Можно е бројката да е далеку поголема – рече портпаролот.

Тој увери дека новата Владата нема повеќе да троши средства за рекламни активности.

Бошњаковски изјави дека медиумите каде се слевале овие пари, биле бирани без никакви критериуми. Тој додаде дека постои простор за наводите да ги истражи јавното обвинителство на Република Македонија. Станува збор за кампањи како оние за трето дете, против абортус, „Истражи ја Македонија“, Ден на дрвото и Ден на храната.

Во оваа сума од 38 милиони евра не се внесени кампањите правени од останатите министерства. Како што рече Бошњаковски опфатени се само договорите за медиумската индустрија на поранешниот кабинет на Никола Груевски.

Поврзани новости