Владимир Чадиковски: Доктор кој и децата го обожаваат!

by Фокус 16:36
16:36

City MallНепосреден и харизматичен, позитивен и ведар, човекот кој ги создава историските мигови во современата македонска медицина. Врвен професионалец, кој ја сака својата работа.

Специјалистот по педијатриска трансплантација и неонатална кардиохирургија, Владимир Чадиковски, докторот кој го сакаат децата, ни правеше друштво во Скопје Сити Мол. Релаксирано, во друштво на неговото синче, уживавме во атмосферата на трговскиот центар.

- Advertising -

Рутата ни почна со кафе во кафулето „Плеј“. Уживавме во убавото време и во спонтаниот разговор. Vladimir Chadikovski 01ФОКУС: Поголемиот дел од нас како деца сонуваат да бидат доктори. Дали тоа беше и ваш сон?

ЧАДИКОВСКИ: Не би рекол. Кај нас дома никогаш не се зборуваше за медицина. Во мое време немаше ни толку серии на телевизија поврзани со хирургија и медицина, како тие што се актуелни сега. Ние тогаш повеќе се гледавме себеси како спортисти, музичари (рокери). На почетокот, дилемата беше дали треба да се запишам на Правен факултет, но во последен момент, под притисок на татко ми, и јас и брат ми се запишавме во средното медицинско. И така сѐ почна и еве сѐ уште учам медицина. Ова е моја 18 година на Детска хирургија, и да бидам искрен, веќе не ни можам да замислам да работам нешто друго.

ФОКУС: Во ниеден момент не посакавте да бидете архитект или можеби наследник на вашиот татко, кој го создаде и изгради Театарот за деца и млади?

ЧАДИКОВСКИ: На ова прашање ќе ви одговорам преку еден случај, за да биде посликовито. Моето семејство е во долгогодишно кумство со фамилијата Дуковци, традиција што ја продолживме и ние, децата. Целата фамилија се машински инженери, архитекти… По потекло од Галичник. Една вечер, во тоа време немаше мобилни, заѕвони домашниот телефон. Беше 2 часот по полноќ, сакаат да дојдат на гости, имаа проблем. Еден од синовите не сакал да оди на машински факултет, сакал да запише драматургија. Се раздени, а тие уште се објаснуваа. На крај попушти таткото (Цобе), синот се запиша на драматургија. Синот се вика Дејан Дукоски и е еден од најпознатите  драматурзи во  Европа во моментов. Со брат ми тогаш си кажавме, не дај боже ние да побаравме глумци да станеме, само може да замислам како ќе изгледаше тоа.

ФОКУС: Чадиковци во своето широко фамилијарно стебло имаат неколку лекари. Но, немаат детски хирург. Што беше пресудно за вашата одлука да станете детски хирург?

ЧАДИКОВСКИ: Искрено, ни самиот јас на почетокот не бев убеден дека ќе станам детски хирург. По завршување на факултетот во 1997 година почнав да стажирам во тогашна Воена болница. Началник во тоа време беше д-р Секуловски, кој ме прими да стажирам на Одделот за урологија. По 3 месеци поминати на урологија, се сретнав со проф. Џидров, кој ме праша дали сакам да се префрлам на Клиниката за детска хирургија во Клиничкиот центар, за да волонтирам. Јас се убедував, само да не ми каже на траума или на детска хирургија.

Но, го прифатив предизвикот. Тогаш ме прими проф. Петровски, почнав да работам и стартував со специјализата за детска хирургија. Волонтирав неполни 2 години пред да ме примат. По неколку месеци, имав среќа под свое менторство да ме преземе проф. Ацо Димов. Со него останав во текот на целата специјализација. Во тој период, тој ми ги пренесе основните тајни на детската хирургија, а и ден денес ми дава, не само стручни, туку и животни совети. По завршувањето, бидејќи цело време бев со него, почнав да ги преземам и неговите манири. Во секој  случај, морам да кажам дека сум му многу благодарен.

Морам да го спомнам и проф. Миле Петровски, кој, исто така, придонесе во мојата стручна надградба.

Моите едукатори од областа на детската кардиохирургија сега  се: проф. Вилијам Новик, проф. Марсело Кардарели и проф. Мила Стајевиќ.Vladimir Chadikovski 10ФОКУС: Ова е професија во која има многу одрекувања, многу одговорности. Знае ли Македонија и Македонците да го вреднува тоа?

ЧАДИКОВСКИ: Искрено вложив многу енергија за да успее овој проект. Функционира веќе три години, направивме речиси 200 операции на најкомплексните срцеви аномалии на бебиња, кои тежат неполни 2-3 кг. Има многу одрекувања и одговорноста е огромна. Се надевам, македонскиот народ го цени тоа што јас и  мојот тим го работиме. Навистина е многу тешко да почнете од нула, на проект кој професионално е еден од  најкомплицираните, системски мошне захтевен. Треба да се обучат голем број доктори и сестри од различни профили, специјализации, субспецијализации. За тоа треба време, како што и напоменаа нашите ментори, од 3 до 5 години.

Верувајте, не можете да замислите со што сѐ се судирате, за да прекинете еден синџир (бизнис) од 30 години, во кој децата се праќаат во соседна држава. Со години, многу пари излегувале од нашата држава, а знаете на што сѐ се подготвени луѓето да направат за пари. Да не зборувам за агонијата на децата и нивните родители. Треба да докажете дека вредите, секој чекор се следи. Треба да си докажеш и себеси дека можеш да го реализираш ова.

Јас веќе 18 години сум афирмиран детски хирург, ми треба ли ова сега, зошто да си го комплицирам животот, зошто да слушам еден куп невистини за мене лично и за мојата работа, зошто да отсуствувам од дома со денови, празници, викенди, да не бидам со фамилијата… Ова се прашањата што ви струјат низ главата.

Многупати се откажував во себе. Си велев, не можам повеќе, тоа ве цеди и физички и емотивно. Затоа се надевам дека се цени тоа што го работиме. Верувајте, во моментов, тоа е нешто што ни дава најсилна енергија да продолжиме понатаму.

ФОКУС: Дали би прифатиле понуда да работите во странство, но без враќање во Македонија?

ЧАДИКОВСКИ: Искрено, сметам дека е нормало да размислувате да одите во друга држава, да одите во институција што нуди подобри услови. Сметам дека тоа е глобално и нормално движење на работите. Мојот брат со семејството живее во странство. Сестрата на мојата сопруга со фамилијата живее во странство, таткото на сопругата е во странство. Ова значи дека нашите најблиски не живеат во Македонија. Со мојата професија и искуство сметам дека релативно лесно би нашол работа надвор. Но, во овој момент не размислувам и морам да ја завршам почнатата работа тука. Морам да ја оправдам довербата на тие што ми ја дадоа, а и пред себе, да покажам дека сум успеал да ја затворам големата слика.Vladimir Chadikovski 09ФОКУС: Бевте дел од многу проекти кои треба да донесат бенефиции во македонското здравство. Ќе ги споменеме Националната стратегија за трансплантација, придонесовте за обезбедување на одделот за интензивна нега на Детската хирургија. Историски проект за сите нас е самостојно реализирана операција на отворено срце на бебе од 8 килограми од македонски тим. Колку време беше подготвуван овој проект? Дали со ова и ја олеснивте целта, за многу деца и загрижени родители соочени со овој здравствен проблем?

ЧАДИКОВСКИ: Дефинитивно. Пред да го почнеме овој државен проект, сите деца се праќаа во соседна држава. Немавме никаква информација колку се оперираат, од што се оперираат, какви се резултатите. Ние сакавме да видиме каква е смртноста кај нив, во поглед на нашите деца, но до ден денес немаме одговор. Сакавме да дознаеме какви се компликациите, не добивме одговор.

Одреден број операции се враќаа во државата, како иноперабилни (не може да се оперираат). И јас лично сум бил сведок на 5 вратени дечиња, кои ги опериравме, од нив три спасивме. По сите статистики, ние треба да имаме 150 деца годишно за операции, од нив 70 проценти во првите 3-5 месеци од возраста на бебето. Ние оперираме 70-80 деца годишно, а каде се другите деца? Тоа е статистика реална и речиси идентична во секоја држава.

Со министерот г-дин Тодоров се договоривме да почнеме голема кампања и скрининг на сите бебиња, кога ќе се родат да се направат соодветни испитувања, а со тоа би ги дијагностицирале сите деца со вродени срцеви мани, и тоа најрано што може. Знаете, сите овие години, во текот на моето појавување на телевизија, по весници (станав здодевен), постојано потенцирав за две работи: прво беа трансплантациите, а сега  е кардиохирургијата.

Во однос на првото, постојано нагласував колку е важна трансплантацијата, хуманоста за донирање органи, потребата да се направат промени во законската регулатива. Сега со кардиохирургијата сакаме да покажеме дека тоа што го правиме е навистина добро. Сега сѐ уште е во фаза со асистенција на едукатори, но не заостануваме од нив. Ќе заклучам дека овој државен проект е еден од најдобрите стручни проекти што сме ги имале, со огромен бенефит за нашите деца.Vladimir Chadikovski 02 Малиот Виктор го окупираше вниманието на својот татко. Токму и затоа кафето го преселивме  во детското царство во Скопје Сити Мол, игротеката „Имагинариум“. Заедничките моменти за време на забавата ни ја доловија нивната љубов и поврзаност, која изгледаше магично.

ФОКУС: Сите сме потресени кога нашите деца ќе се разболат. Како се снаоѓате вие во тие ситуации, не како доктор, туку како татко?

ЧАДИКОВСКИ: Морам да признаам, не можам да гледам кога го боцкаат. Сопругата е таа што го лекува кога е болен, со  мали консултации од моја страна. Елена е ненаспана кога е болен Виктор. Што да кажам, само мајка може сето тоа да го истрпи. Јас се трудам да помогнам колку што можам, но директен одговор на вашето прашање, е дека е различно, комплетно поразлично од тоа што го работам.Vladimir Chadikovski 08ФОКУС: Каков сте вие како родител, строг, толерантен, исполнувате ли многу желби? Кои се омилените игри со вашето синче?

ЧАДИКОВСКИ: Виктор е многу добро дете, не можете да биде строг со него. В во однос на желбите се обидувам да бидам неисполнителен на сите негови барања. Но, тоа не успева често. Речиси никогаш.

ФОКУС: Вашиот татко е најзаслужен за Театарот за деца и младинци. Која е вашата омилена детска театарска претстава? Дали во друштво на вашето синче одите во Театарот за деца и млади?

ЧАДИКОВСКИ: Јас и брат ми сме театарски деца. Кај нас постојано се зборуваше за театарот, никогаш за медицината. Постојано ни доаѓаа глумци, режисери, драматурзи. Мислам дека тоа нѐ насочи да не се ограничиме само на медицината, туку да имаме пошироки видици во животот. Татко ми додека не замина во пензија, сите претстави ги гледавме. Не можам да кажам дека имав некоја омилена, сите ми беа преубави. Сега не сум бил со години, немам време. Но, ќе почнам, мислам дека Виктор е веќе доволно возрасен за да може да гледаме заедно претстава.Vladimir Chadikovski 07ФОКУС: Вашата сопруга не е доктор. Има ли разбирање за времето што ви го одзема вашиот професионален ангажман?

ЧАДИКОВСКИ: Елена не е доктор. Таа заврши политички науки, плус е магистер по менаџмент на човечки ресурси. Многу години сме заедно, цели 14 години, уште пред да станам детски хирург. Има разбирање за мојата професија и за жртвите, поинаку не би функционирале досега. Откако го добивме синот Виктор, потешко ми е затоа што поголемиот дел од работите мора да ги врши  сама, поради моите професионални отсуства. Вложувам многу напор, навистина, за да стигнам и на двете места, а и да поминам повеќе време дома со нив.

ФОКУС: Како вие го доживувате семејството? Дали почитувате одредени празнични ритуали, посебно затоа што вашата професија често нема поделби на работни и на неработни денови?

ЧАДИКОВСКИ: За Божик и за Велигден се собираме кај моите родители. Тогаш доаѓа брат ми со фамилијата, па сите заедно ги прославуваме тие убави празнични денови. Да бидам искрен, не знам точно колку празници, саботи, недели сум работел до изутрина. Татко ми е одговорен за тие фамилијарни собирања, па многу се лути ако не се собереме сите. Токму затоа, тоа ни е убава задолжителна обврска.

ФОКУС: Каква беше реакцијата на вашето семејство кога им ја откривте својата желба да отпатувате во Африка?

ЧАДИКОВСКИ: Се вакцинирав со сите вакцини. Сѐ уште не ме пуштаат да одам. Се лутат, но морам со Бил Новик да одам на неколку мисии. Тоа ми е голема желба.Vladimir Chadikovski 03Виктор го препуштивме на мајчините прегратки. Се упативме низ трговскиот. Чадиковски има недостиг од време, па затоа  побаравме малку повеќе време за него. Се упативме да разгледаме часовници во продавницата „Мај тајм“.

ФОКУС: На кој начин се релаксирате, постои ли некој ритуал што го практикувате пред оперативните зафати?

ЧАДИКОВСКИ: Во последниве 7-8 месеци почнав да трчам и мислам дека го најдов спортот што би го практикувал и понатаму. Веќе бев на два маратона на кратки дистанци, а се надевам дека ќе успеам еден ден да истрчам 21 км. Генерално, немам никаков ритуал пред да влезам во сала. Тоа ми стана рутина.

ФОКУС: За родените на вашиот датум, нумеролозите и астролозите се речиси согласни дека се родени лидери, кои својот успех почнуваат да го градат по 28-та година од животот. Ги карактеризираат како правдољубиви, силни, стабилни, лојални, па дури и тврдоглави. Сакаат убава музика и добра храна. Колку од овие карактеристики препознавте кај себе?

ЧАДИКОВСКИ: Сакам добра храна, посебно италијанска. Ја сакам и нивната музика. Ако поминете кај мене во канцеларија, ќе ги видите ликовите што ги обожавам (нивната музика): Стинг, Јуту, Френк Синатра и Ерос Рамацоти. Сакам да гледам фудбал со моите другари од детството (Бобсон, Боге и Иван), во кафеаната кај Звоне.

Што се однесува на тоа што  го кажуваат ѕвездите, е тука не би се мешал.Vladimir Chadikovski 05ФОКУС: Кој, всушност, е Владимир кога е пријател, а не доктор?

ЧАДИКОВСКИ: Нормален човек, роден и растен во Скопје. Човек кој е среќен што има фамилија, голем број искрени пријатели со кои се дружи. Сметам дека сум добар пријател, искрен, кој сѐ што мисли, го кажува директно в лице.

ФОКУС: Здравиот начин на живот е тренд што го практикувате. Трчате, играте тенис… Дали ова е поради актуелниот тренд што полека го прифаќаат сите или повеќе заради ваши лични здравствени придобивки?

ЧАДИКОВСКИ: Никогаш не сум сакал трчање. Брат ми ми рече: ако издржиш 3 недели по трипати неделно да истрчаш 30 минути, нема да се откажеш потоа никогаш. Навистина е така. Сега едвај чекам да одам да трчам. Ме релаксира премногу, посебно по напорен ден. Многу се радувам што најдов спорт што ме исполнува. Долго време го барав и е еден од најголемите лични успеси, кога зборувам за себе лично. Горд сум што ги истрчав маратоните. За некого е ништо, но за мене лично беше многу. Навистина е борба со своето тело.Vladimir Chadikovski 06ФОКУС: Политиката е сеприсутна во Македонија. Доколку добиете понуда да станете министер за здравство, каков ќе биде вашиот одговор?

ЧАДИКОВСКИ: Искрено, никогаш не сум ја сакал политиката. Никогаш не сум се гледал како министер, пратеник… Одолеав до сега на сите притисоци да влезам во политика, да останам професионалец, да го работам тоа за што сум учел, да го работам тоа што го сакам. Ете затоа, најдиректно одговор на вашето прашање е ќе одбијам.

ФОКУС: Сакате музика, но и добри филмови. Кој од нив е вашиот избор овој период?

ЧАДИКОВСКИ: Од секогаш сум сакал научна фантастика и мислам дека имам изгледано сѐ. Сега ми се случува првпат, гледам по дома имам филмови што не сум ги гледал со месеци. Немам време и многу ми е криво, морам нешто да променам.

ФОКУС: Кој е крајниот предизвик кон кој ја насочувате вашата кариера?

ЧАДИКОВСКИ: Две работи, прво треба да го завршам  докторатот во наредниве месеци, и второ, да ја довршам субспецијализацијата по кардиохирургија во наредната година и пол.Vladimir Chadikovski 04Неговиот шарм нѐ освои и нас, како и сите негови пациенти. Прошетката низ Скопје Сити Мол со харизматичниот доктор Чадиковски ја заокруживме со договор за нова средба.

Поврзани новости