Владата со упатства до ДИК што да направи за избори во април

by Фокус

Три нови простории во зградата „Нова Македонија“, 50 возила на располагање и десетина укажувања за тоа што Државната изборна комисија треба да направи во наредниот период, и додели Владата на ДИК во функција на подготовка на изборите предвидени за на 24 април.

„Со цел обезбедување на соодветни просторни услови на ДИК, Владата го задолжи Генералниот секретаријат, да обезбеди три простории за потребите на Државната изборна комисија, на првиот кат во административната зграда (објект на поранешно НИП Нова Македонија), а истовремено се задолжи и Службата за општи и заеднички работи, да изврши целосно техничко и безбедносно опремување на просториите на Државната изборна комисија со цел обезбедување на висок степен на безбедносна заштита во овие простории во кои ќе се чуваат сите материјали поврзани со претстојните. Владата донесе одлука за отстапување и времено користење на вкупно 50 автомобили кои ќе бидат на располагање на Државната изборна комисија согласно нејзините потреби“, се вели во соопштението.

Од Владата објаснуваат и дека со цел обезбедување на поголема функционалност и динамизирање на процесот за утврдување на избирачкиот список ги задолжила Фондот за здравствено осигурување, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Агенцијата за вработување, Управата за водење на матична евиденција, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а и препорача на Народната банка на Република Македонија, да склучат, односно потпишат договори и меморандуми за соработка со Државната изборна комисија, во насока на пренос и мигрирање на податоците од регистрите, базите на податоци со кои располагаат овие институции, во функција на ажурирање на Избирачкиот список.

Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи да ги покрие финансиските трошоци на Државната изборна комисија кои се поврзани со печатењето и копирањето на документацијата за потребите на Државната изборна комисија, а подготвена е и да ги покрие трошоците за спроведување на теренските активности.

Владата и препорачува на Државната изборна комисија да достави писмен допис до Дирекцијата за заштита на лични податоци, во кое ќе побара појаснување во однос на тоа кои податоци на граѓаните можат да бидат јавно достапни и објавени при законската обврска на ДИК за јавно објавување на Избирачкиот список, согласно одредбите од Изборниот законик, а Дирекцијата за заштита на лични податоци веднаш да одговори на дописот.

Истовремено, Владата ѝ препорачува на ДИК да склучи меморандум за разбирање и соработка со Државниот завод за статистика, во кој ќе бидат уредени и опфатени сите прашања помеѓу овие две институции, за време на траењето на овој период. Владата ѝ препорача на ДИК, во најкраток можен рок, до Државниот завод за статистика да ја достави на увид и мислење Методологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список, а го задолжи Државниот завод за статистика, во најкраток можен рок да достави мислење и одговор по истата. Владата го задолжи Државниот завод за статистика, во најкус можен рок, да достави список на лица – анкетари и контролори до Државната изборна комисија.

Владата ѝ препорача на Државната изборна комисија, во соработка со Државниот завод за статистика, согласно утврдената Методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список, да извршат обуки на лицата – анкетари и контролори, со цел успешно имплементирање на Методологијата.

Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Државната изборна комисија, во најкус можен рок, да идентификува групи на административни службеници кои ќе бидат избрани за членови во општинските изборни комисии и избирачки одбори.

Поврзани новости