Владата со оптимистичко сценарио, за 4 години да отвориме 80% од поглавјата во преговорите со ЕУ

by fokus 21:53
21:53

Иако одржувањето на Меѓувладината конференција, која треба да се реализира во декември, е се уште под прашалник, поради „сопката“ од Бугарија, сепак во Владата постои оптимизам дека проблемот ќе се надмине и дека наскоро и де факто ќе го отвориме првото поглавје од преговорите со ЕУ.

Новата Влада зацрта дека во следните четири години ќе отвориме 80% од поглавјата, односно дека набрзо ќе ги донесата европските стандарди дома. Процесот на преговори, во согласност со новата методологија, ќе се води зa 35 поглавја поделени во 6 кластери.

- Advertisements -

Ова оптимистичко темпо на владата се наведува во владината програма за периодот 2020-2024 година, со која се заложува и дека ќе продолжи со реформите во клучните области – владеењето на правото и изградбата на функционална демократска држава – реформа во правосудството, реформа на јавна администрација, реформи во безбедносните служби и борба против организиран криминал и корупција.

„Владата на Република Северна Македонија има амбициозен, но реален план: да ги заокружи преговорите што поскоро и што поуспешно и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. Во 2020 година ги започнуваме преговорите за членство и убедени сме дека нашата држава има капацитет, способност и волја до 2024 година во мандатот на оваа Влада да отвори 80 отсто од поглавјата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ“, стои во Програмата.

Целта, е како што се посочува, европските стандарди и вредности да се донесат дома и да им овоможи на граѓаните европски начин на живот.

„Унијата е систем на вредности што значат правна држава во која сите сме еднакви пред законот, во која редот, поредокот и организираноста се предвидливи и се дел од нашето секојдневие“, пишува во Програмата.

Владата ветува дека со отворањето на преговорите за членство државата ќе почне со најдлабока трансформација на општеството и постепено, но темелно и одржливо прифаќање на европските правила, принципи и вредности. Се обврзува дека ќе обезбеди трансформацијата да биде ефикасна и успешна, а воедно во неа да се заштити интересот како држава, интересот на економијата и на граѓаните.

За таа цел, стои во програмата, ќе се воспостави „мотивирана, ефикасна и професионална преговарачка структура“, широк консензус меѓу политичките партии, но и пошироко во општеството околу суштинските реформи за пристапување кон ЕУ, база на податоци на сите домашни експерти и стручни лица од дијаспората кои активно ќе бидат вклучени во работните групи за преговори.

Клучен фокус во преговори со ЕУ ќе биде ставен на првиот кластер, фундаменти, односно владеењето на правото, функционирање на демократските институции и засилена контрола на економската реформска програма. Со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите, односно овој кластер се отвора прв, а се затвора последен.

Доколку реформите се движат во посакувана насока, еден кластер може да се отвори и да се затвори за период од една година, освен првиот. Ова математички би значело дека доколку реформите се спроведуваат добро, сите шест кластери би можеле да ги затвориме за шест години. Но постои и пократок начин. Поточно, методологијата не ограничува паралелно, во исто време, да бидат отворени и да се преговара за два или повеќе кластери.

За Македонија, проценките за влез во ЕУ, се движат од оптимистички 6 до 7 години, до песимистички 15 години.

В.В.

Поврзани новости