Владата со нова кампања „Стоп за предизвикувањето на душевната болка“

by lali

Оваа идеја, иако сѐ уште не е ставена на маса за реализација, сепак веќе е поздравена од неколку медиуми во Македонија, како што се: МРТВ, Сител, Канал 5, Алфа, Курир, Нетпрес, Вечер, Дневник, Прес24, Плус24, Максим, Вистина, Миа и Денешен, кои во принцип немаат потреба од оваа капамања,  сепак би служеле како пример по кои треба да се водат останатите медиуми во Македонија.

„Веќе направивме истражувања по светски стандарди, вон застарените методи на Фридом Хаус и на Репортери без граници, па како Влада воочивме дека една група на медиуми веќе подолго време негативно влијае врз нашето работење и решивме да им помогнеме. Нема да се обидеме да ги купиме и индиректно да имплементираме уредници по наш ков, ниту пак ќе ги тужиме се додека не ги затвориме, туку само сакаме со оваа кампања да им подадеме рака и да се обидеме да влијаеме на нивното размислување во иднина за конечно, еднаш за секогаш, да направиме медиумски розева Македонија. Држава без предизвикувачи на душевна болка и држава без критика и обелоденета црна вистина.“, се изјасни потпортпаролот на Владата.

На прашањето од новинарите, како Владата ќе изреагира на тужбата од МПЦ, која ги тужи за несогласно користење на нивната позната изрека „не гледај што правам, слушај што зборувам“, потпортпаролот не сакаше дирекно да одговори, туку само посочи дека МПЦ треба да си ја гледа работата и да не ги слуша другите што зборуваат.

Владата, иако го нема одредено буџетот за оваа кампања, сепак аналитичарите велат дека нема да се користат државни пари, туку парите би дошле од добиените тужби против опозицијата и би биле искористени за спроведување на оваа кампања, која е од големо значење за напредокот и добивањето позитивни поени во делот за медиумите во наредниот извештај на Европската комисија.

 

Напомена: Веста е измислена и сатирична, сѐ додека не се оствари и стане реална.