Владата размислува со видео надзор и боди камери да ја спречува корупцијата

by fokus

Членовите на Владата на денешната седница ја усвоиле Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план, која истовремено е и дел од мерките од Планот за борба против корупција.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски информирал дека до крајот на август сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација на процесите ќе бидат подготвени и доставени до Собранието.

Дополнително, на денешната владина седница била донесена одлука за формирање на уште една работна група којашто ќе работи на дефинирање и усогласување во делот на опремата што треба да ја набават институциите за дигитализација на процесите.

– На седницата беа презентирани и предлози за институциите кадешто е неопходно физичко присуство на службено лице во работата со граѓаните, да се регулираат преку видео надзор и боди камери, како механизам за превенција од коруптивни дејствија. На седницата беше донесена одлука за зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства во државата. Министерството за правда во соработка со Јавното обвинителство ја достави анализата за потребната кадровска и техничка екипираност на обвинителствата, се додава во соопштението.

Според владината Прес-служба, Министерството за економија го подготвило Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, со кое законско решение се намалува бројот на членови на управни одбори, и тоа во државните претпријатија од 15 на 7 члена, а во општинските на 5 члена, а кај надзорните одбори бројот на членови се намалува од 5 на 3 члена. Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и како и висината на надоместокот.

Исто така, на денешната владина седница биле усвоени и измените и дополнувањата на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата.

– Според препораките од ГРЕКО, со новите измени и дополнувања, разграничена е функцијата на лицето за интегритет кое што дава советувања за етички прашања и членот на Владата назначен за следење на спроведување на Кодексот. Меѓу другото со измените и дополнувањата, проширен е опсегот на лица кои подлежат на Кодексот, односно покрај носителите на јавни функции, советниците кои ги именува претседателот на Владата и посебните советници во министерствата, сега ќе бидат опфатени и секретарите и помошниците секретари во Секретарјатите во Канцеларијата на претседателот на Владата, се додава во соопштението.

Поврзани новости