Владата најави законски измени за намалување на извршителските тарифи

by fokus

Владата формира работна група која треба да изготви законски измени за намалување на севкупните трошоци во структурата на извршните решенија.

Како што соопшти денеска премиерот Зоран Заев, предвидено е постојните 42 тарифи во извршителските служби да се намалат на десетина, да се отстранат дополнителните адвокатски трошоци, а побарувањата за комуналните услуги да ги наплаќаат самите претпријатија.

Секој треба да се откаже од нешто, порача Заев, зашто Владата и службите, извршителите и нотарите, постојат и работат заради граѓаните и треба да се има чувство за нивната социјална состојба.

– Убеден сум дека можеме да успееме. Ако посветено работиме можеме да изнајдеме решение за вакви горливи проблеми. Но, од еден дел од своите приходи треба да се откажат и нотарите и државата. Голем број од нашите граѓани имаат проблеми дури и за долгови од 2003, 2007 година, со огромни камати, рече Заев на прес-конференцијата по Економско-социјалниот совет.

За координирање на работната група е задолжен потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во неа учествуваат претставници од секторите правда, финансии, труд и социјална политика.

Премиерот во овој контекст информира и дека заедно со  опозицијата претставена преку неколку пратеници е покрената иницијатива за изготвување законско решение за отпишување на каматите за струја за голем број граѓани.

– Утре го имам првиот работен состанок со тие пратеници и претставници од институциите во државата. Ќе се обидеме заедно да помогнеме преку одредено откажување од каматите на соодветни институции, вклучително и приватни и со државна интервенција да помогнеме на граѓаните, потенцира Заев.

Поврзани новости