Владата на Обединетото Кралство ги охрабрува сите политички партии да ги согледаат придобивките од Договорот со Грција

by fokus 18:19
18:19

Владата на Обединетото Кралство упати честитки до премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнувањето на историски договор за прашањето за името што беше потпишан на 17 јуни, како и за неговата ратификација во македонското Собрание.

– Обединетото Кралство ја поздравува и ратификацијата од страна на Парламентот во Скопје на 20 јуни и ги поттикнува сите лидери, политички партии и граѓани во двете земји да ги согледаат придобивките што ќе ги донесе решението на овој долготраен спор, се наведува во соопштението од Британската Амбасада во Скопје.

- Advertisements -

Британија, како што посочуваат од Амбасадата, смета дека решавањето на прашањето за името ќе го отвори евро-атлантскиот пат, вклучително и преговори за членство во ЕУ и НАТО, за што се залагаа низ годините владите во Скопје. Ќе се отворат, се додава, и значајни можности за двете земји и пошироко за регионот, преку зајакната безбедност и просперитет.

– Вакво значајно постигнување немаше да биде можно без огромна политичка храброст, визија и лидерство што ги покажаа премиерите Ципрас и Заев. Решавањето на ова прашање ќе донесе огромни придобивки за двете земји и за регионот. Како долгогодишен пријател, ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија на нејзиниот евро-атлантски пат, како и стабилноста и просперитетот што ќе и го донесе на земјата и регионот,  истакна премиерката Тереза Меј во писмото до премиерот Зоран Заев на 21 јуни

Поврзани новости