Владата на Јанша под истрага по сомнежите за местење на тендер за 220 респиратори

by fokus

Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага за набавката на 220 респиратори, за која словенечката државна телевизија објави прилог посочувајќи дека тендерот бил наместен.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, полицијата интензивно работи на прибирање докази за скандалот, а во тоа соработува и со другите безбедносни служби, со цел да се расчистат сомнежите за можна злоупотреба при набавката на опрема.

Иван Геле кој е вработен во Заводот за стоковни резерви и човекот кој прв јавно во медиумите проговори за случајот веќе доби и полициска заштита.

Во прилогот за овој скандал кој ја тресе владата на Јанез Јанша словенечката државна телевизија објави преписки и снимени телефонски разговори во кои според медиумот, се слуша гласот на министерот за економија Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема.

Во објавата на ТВ Словенија се посочува дека набавката на опремата била без тендер, односно со непосредна спогодба, а се тврди и дека директно министерот и неговите најблиски соработниците бирале кој ќе го добие бизнисот.

Според телевизијата со непосредна спогодба и интервенција на функционери од Владата на Јанша, договорено е 220 респиратори да бидат набавени од фирмата „Генепланет“, за кој државата платила 100 отсто аванс во вредност од осум милиони евра, што е за три и пол пати поскапо од редовната пазарна цена за истите медицински помагала.

Според овие информации и покрај тоа што опремата била сто отсто платена, државата не добила ни половина од нарачката.

Од истата фирма според доказите на телевизијата биле набавени и заштитни маски за словенечките доктори, а во договарањето на зделката директно бил замешан и директорот на полицијата.

Медиумите во Словенија ја продлабочија аферата со тоа што објавија дека во сопственичката структура на фирмата „Генепланет“ имало роднини на блиски соработници на Јанша.

Министерот за економија Почивалшек по објавување на документите и разговорите изјави дека не се работело за притисок која компанија да ја добие зделката, туку тема на разговорите била да се забрза целата постапка.

Поврзани новости