Владата ќе им пресуди на Ќосето, Мајка Тереза и Александар Македонски, вели Алаѓозовски

by fokus 13:28
13:28

Три елаборати на тимот експерти ангажирани од Министерството за култура, за споменици од проектот „Скопје 2014“ веќе се доставени до Министерството каде се разгледуваат надлежностите. Станува збор за спомениците на Андон Јанев Ќосето, спомен обележјето на Мајка Тереза и споменикот на Александар Македонски, именуван како Воин на коњ.

По ова извештаите ќе бидат проследени до Владата каде теба да одлучи што понатаму со нив. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека работите околу изградбата на овие споменици се толку заплеткани што не може да се утврди која институција на локално или централно ниво треба да ги преземе.

- Advertisements -

-Процедурите се толку згрешени што е сложено и отплеткувањето кој е надлежен да преземе активности во однос на овие објекти поставени во главниот град – изјави Алаѓозовски.

Културното наследство, не само што не било соодветно третирано, вели тој, туку било и злоупотребено. Посочува дека кај спомен обележјето на Мајка Тереза нема никакво културно наследство.

-Многу актелни градби, како скулптуралната композиција која носи чуден наслов „Мајка Тереза“ беше погрешно финансирана од програмата за културно наследство, иако таму нема никакво културно наследство. Исто така и спорните градби на Плаошник. Ние ќе го заштитиме вистинското културно наследство. Обезбедивме средства за Трескавец, обезбедивме за Офицерскиот дом, ќе обезбедиме средства и за нашето најзагрозено културно наследство. Во таа смисла „Скопје 2014“ е проект кој нема да дозволиме понатаму да се одвива или да ни влече финансиски средства – додаде министерот.

Поврзани новости