Владата ја издаде еврообврзницата, за повисоката камата обвинета опозицијата

by fokus

Македонија ја издаде еврообврзницата во вредност од 450 милиони евра по каматна стапка од 5.625 % годишно и рочност од 7 години, информираат од Министерството за финансии.

Од таму убедуваат дека условите за задолжувањето биле поволни, а за повисоката каматна стапка ги обвинија СДСМ.

 -Доколку ги немаше злонамерните опструкции и попречувања од страна на опозицијата, со оглед на првично пројавениот огромен интерес од инвеститорите, каматната стапка ќе беше далеку поповолна, односно истата ќе беше дури под 5 % годишно, согласно очекувањата на меѓународните инвестициски аналитичари. Цената за ова неодговорно однесување на опозицијата за жал ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија. – се вели во соопштението на Министерството за финансии.

Парите од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби во фискалните 2016 и 2017 година, како и за отплата на стари долгови.

Инаку, издавањето на еврообврзницата, која беше планирана да изнесува 650 милиони евра, се одложи минатата недела, откако Кире Наумов од СДСМ, со писмо ги предупреди потенцијалните инвеститори дека обврзницата не е правно легално издржана. Банките тогаш потврдија дека процесот ќе биде одложен.

Поврзани новости