Владата и Југохром се договорија: Фабриката ќе постави филтри и ќе продолжи да работи

by fokus

На денешната седница на Владата на Република Македонија, е разгледана и усвоена Информацијата за потребата од потпишување на Меморандум за разбирање со цел придонес во надминување на состојбите поврзани со работењето на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар во Јегуновце.

Како што информираа од владината прес служба, Владата на Република Македонија го донесе ова решение со единствена цел – надминување на проблемите во оваа компанија кои доведоа до запирање на нејзиното работење откако нејзината управа не ги обезбеди неопходните еколошки стандарди пропишани за овој тип индустрии. После повеќе средби и разговори меѓу претставници на компанијата, на синдикатот на Југохром, и на граѓанските еколошки организации, донесен е заеднички заклучок дека сите наведени субјекти се заинтересирани за продолжување со работа на компанијата. Управата на друштвото во овој правец изјавува дека е спремна да прибави А – еколошка интегрирана дозвола согласно закон, преставниците на синдикатот исто така ја искажуваат нивната спременост веднаш да се вклучат во процесот на работњето. Од друга страна невладините организации не се противат на повторното рестартирање на работата на комбинатот, по инсталирање на соодветни заштитни филтри и опрема која ќе го спречи загадувањето на животната средина.

Владата на Република Македонија исто така ја искажува својата спремност, преку надлежните органи, веднаш по исполнувањето на условите, да ја издаде еколошката дозвола потребна за продолжување со работа на комбинатот и гарантира дека постапката ќе биде завршена во најкраток можен рок.

Имајќи го во предвид сето погоренаведено, се создаде потреба од потпишување Меморандум за разбирање за надминување на состојбите поврзани со работењето на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар, што ќе го потпишат управата на компанијата, синдикатот и Владата на Република Македонија.

Како дополнување на оваа одлука, Владата на Република Македонија го овласти Заменик преседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев, во име на Владата на Република Македонија да го потпише Меморандумот за разбирање со претставниците на управата и синдикатот на Југохром Алзар.

Поврзани новости