Владата и банките да најдат решение за граѓаните со истечени лични карти, бара Народниот правобранител

by Fokus

Народниот правобранител бара Владата на Република Северна Македонија под итно, заедно со деловните банки да најде времено решение со кое ќе им излезе во пресрет на граѓаните, кои заради неможноста навремено да си ги обноват личните документи, особено личните карти, поради немање соодветен термин за вадење на документите кои во меѓувреме им истекле, се соочуваат со проблеми, па не можат да си подигнат пари од банка, како пензии, плати и други личните примања и да си ги платат сметките.

– Недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи, за што Народниот правобранител еднаш веќе реагираше, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките, се вели во соопштението од Народниот правобранител.

Според Народниот правобранител, овие граѓани, не по нивна вина се ставени во незавидна позиција, од една страна, да останат без основни средства за живот, а од друга страна, заради неможноста да си ги подмират долговите кон јавните претпријатија и другите даватели на услуги ( струја, вода телефон ) да стравуваат дека истите ќе им бидат ускратени.

Народниот правобранител, исто така, потсетува дека оваа есен претстои одржување на пописот како и на локалните избори, операции за чие спроведување на граѓаните им требат важечки лични документи, па апелира надлежните институции да изнајдат начин за надминување на овој проблем.

За доследно почитување на со уставот и законите загарантираните права, посочува Народниот правобранител, потребни се силни институции со голем капаците, а сегашната ситуација со обновата на личните документи, не оди во овој правец.

Поврзани новости