Владата го одобри Анексот за автопатот Демир Капија–Смоквица, треба да биде готов до март

by fokus 20:26
20:26

Владата на Република Македонија на денешната редовна седница на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од потпишување на анекс на Договорот за изградба на автопатска делница Демир Капија – Смоквица.

Со Анексот се продолжува времетраењето на Договорот за изградба до 28 февруари 2018 година. Освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот. Градежните зафати се однесуваат на дислокација на далноводот на МЕПСО и на изградба на контролниот центар.

- Advertising -

Со продолжувањето на времетраењето на договорот за градежни работи до 28.02.2018 година, ќе се продолжи и времетраењето на договорот за надзор. Согласно првичните пресметки направени од Надзорниот орган, за надзор на градежните работи се потребни околу 850.000 евра, средства кои се обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот.

Од прес службата на Владата велат дека со потпишување на Анексот ќе се овозможи завршување и пуштање во сообраќај на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Пан-европскиот Коридор 10, најдоцна до почетокот на март 2018 година.

Поврзани новости