Владата го објави списокот на хонорарци, демантира дека се луѓе платени да споделуваат на „Фејсбук“ и „Твитер“

by fokus

Владата денеска го објави списокот на хонорарци, лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените откако претходно направиле консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани.

Листата е достапна во секцијата Отворена влада на владината веб-страница, односно на следниов линк: https://vlada.mk/angazmani-avtorski-dogovori

-Внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, беше мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица. Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните. Во таа насока, упатуваме јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство, велат од Владата.

Тие категорично ги отфрлаат сите информации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. -Тоа не е точно бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата. Исто така, ги отфрламе и како неточни и информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“ Тоа е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни вести, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните, дополнуваат од Владата.

Поврзани новости