Владата дозволува да се уништи Водно, велат од иницијативата “Го сакам Водно“, кои утре ќе протестираат

by Fokus

Еко-активисти од повеќе организации и иницијативи здружени како „Го сакам Водно“, утре организираат собир и пешачење по сртот на Водно. Целта е граѓаните да се соберат на врвот за, како што велат, да се пренесе заедничка порака за зачувување на природното богатство – „Не низ Водно!“.

„Сакаш Водно да е заштитена зона? Сакаш да ја сочуваш природата која ти дава мир, те полни и прочистува? Сакаш да се престане со изградба во парк шума Водно? Биди во 10, 30 часот без доцнење, на чистинката под крстот. Ќе има музика, ќе има активности во знак на поддршка на она што ни значи: Водно без понатамошни минирања, копања, механизации, сечење на шумата, уништување на бројни живеалишта… Земи пријател, дојди на врв! Сподели, рашири, сликај се, постирај, се вели во најавата за недела.

Според најавата, присутните од врвот потоа можат да се придружат на организирана прошетка по сртот на Водно до местото каде се стационирани багерите за изградба на гасоводот.

„Ќе биде предводена од водичи кои детално ќе укажат сите убавини кои некој предвидел да се избришат засекогаш од сртот на Водно, нешто кое ние сакаме да го спречиме. За оние кои никогаш не ја пешачеле стазата по сртот, тоа не е напорна стаза, има благи нагиби и уздолници, поминува низ убав предел и е одлична за фамилијарна прошетка! Можеби Скопје е празно, можеби е пекол, но Водно заслужува да се одбрани!“, се вели во најавата за собирот.

Организаторите порачуваат присутните да си понесат ранец со 1л вода, а може и храна. Исто така – капа, крема и очила за сонце, маичка за пресоблекување, удобни обувки и полн мобилен за селфи.

„Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици. Наведените планинарски акции се организирани и движењето се одвива во група предводена од организаторот и водичите. Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната опрема за предвидената акција. Секој учесник може да биде исклучен од групата поради недолично однесување, како и доколку врши партиско етикетирање на настанот, наметнува политички ставови, шири политичка/партиска пропаганда, родова и верска омраза и дејствува спортивно на целта на настанот. Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички препреки. Водно не чува нас, да го сочуваме и ние Водно!“, соопштуваат еко-активистите.

Поврзани новости