Влада: На средбата со Лајчак беше пренесено дека Заев ги има симпатиите од европските институции

by fokus

Премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вечерва имаше онлајн средба со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

– На состанокот е изразена поддршка за напорите на Република Северна Македонија во процесот на европските перспективи. Пренесено е дека премиерот Заев ги има симпатиите и поддршката од европските институции за натамошен напредок на нашата држава, во духот на европските вредности, информираа вечерва од Владата.

Премиерот Заев се заблагодарил за охрабрувањето кое, како што се вели во соопштението,  секогаш е добредојдено и важно, посебно кога се работи за реализацијата на клучните стратешки државни цели.

– Продолжуваме да работиме активно на европската агенда, на негувањето на добрососедските односи, на економскиот развој на државата, посветени сме на заштитата на јавното здравје. Нашите искрени политики на дијалог ги покажуваат европските вредности што ги застапуваме и веруваме дека тие ќе овозможат натамошен развој на земјата, истакнал премиерот Заев.

На состанокот е констатирано дека концептот „Едно општество за сите“ успешно се развива и дека е добар пример дека доколку има политичка волја и чувство за потребите на граѓаните, можни се решенија што овозможуваат перспективи.

Поврзани новости