Влада: Јавна дебата за образовната реформа, парична награда за медицинските работници

by Фокус
На денешната владина седница, по презентацијата на Нацрт – концепцијата за основно образование, бил донесен заклучок е да се спроведе исцрпна јавна расправа со активно учество на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието, и низ максимално инклузивен процес на сите засегнати страни да се дојде до најдобри решенија и висока согласност за најавениот концепт за основно образование, како и да се појаснат некои од прашањата што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.

„Презентацијата јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма, како и дека новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин“, објаснуваат од владата.

На предлог на Министерството за здравство, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против КОВИД-19, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од 7 работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови и стандардни оперативни процедури за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19.

„Во врска со оваа информација Владата му препорачува на ТАВ Македонија ДООЕЛ Скопје во рок од 7 работни дена да изготви и достави до Министерството за здравство сопствен акциски план (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19“, соопштија од Владата.

На денешната седница Владата донесе заклучок да ги прифати предлозите на Министерството за одбрана и на Министерството за труд и социјална помош за исплата на еднократна парична награда на медицинските работници од Министерството за одбрана кои што се вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19, како и на вработените од Специјалниот Завод за лица со попреченост во Демир Капија кои во грижата за штитениците во заводот неколку недели беа вон своите домови.

Поврзани новости