Витанов демантира, тој искажувал став на Советот на Општина Неготино, а не на Општина Неготино

by fokus

Претседателот на Советот на Општина Неготино, Диме Витанов тврди дека неговата изјава за „Фокус” објавена денеска во текст со наслов „Неготинчани стравуваат од најавеното уништување на гранатите на Криволак, од МО потенцираат дека нема штетност за луѓето и животната средина” е погрешно пренесeна, и според него, врамена во сосема неточен контекст.

Во демант кој го испрати до редакцијата на „Фокус” тој пишува дека во дел од текстот „Од Општина Неготино пак, се оградуваат од најавените случувања кои ги вознемирија граѓаните.-Ме барате само кога има нешто да се критикува, а не и кога имаме позитивни настани и проекти кои треба да се спомнат. Најавата за уништување на гранатите на воениот полигон Криволак е во надлежност на Министерството за одбрана. Немаме став по повод ова прашање, бидејќи не е во надлежност на општината, туку на министерството и ние како Совет не се мешаме – изјави претседателот на Советот, Диме Витанов.” е погрешно пренесена и врамена во неточен контекст, што значи дезинформирање на јавноста, со свесна намера да се уништи угледот на општината и изјавата е во целост погрешно интерпретирана.

Јас, како претседател на Совет имам надлежност да го кажам и го кажав ставот на Советот, а не во име на општината како вие што сте напишале во вашиот текст. За ставот на општината околу ова прашање, надлежноста ја има градоначалникот и одделението за односи со јавноста при ЛС, од каде не сте побарале информација – пишува Витанов, кој бара извинување и се закани со преземање на правни механизми во насока на зачувување на како што пишува, интегритетот на засегнатите страни.

Сепак покрај писмениот демант кој ни го достави, Витанов во телефонски разговор во неколку наврати обвини дека намерно, веќе две години не се објавувале достигнувањата во општината, како на пример изградба на патот до Тремник, и останати проекти за кои сметал дека треба да бидат спомнати во нашиот медиум, туку, намерно се објавувале текстови во негативен контекст.

-Вода имате ли? Имате! Зошто не објавувате позитивни работи, зошто не објавувате за патот до Тремник, туку само кога нешто треба да се критикува? Ништо ли ние не сработивме? – прашува тој во телефонскиот разговор.

На нашата констатација дека медиумите се коректор на секоја Власт и од јавен интерес е навремено информирање на забелешки и укажувања за нерегуларности страна на граѓаните, а секако и барање на ставови од Советот на Општина Неготино, на чие чело тој е поставен со гласовите на граѓаните, тој остана при своето тврдење дека намерно му се нанесува штета со објавите.

Како потсетување, Витанов е претседател на Советот на Општина Неготино, а Советот е претставнички орган на граѓаните на општината и највисок орган на одлучување за сите барања во рамките на правата и должностите на општината. Делувањето на Советот на општината е во согласност со Законот за локална самоуправа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости