Вистината

by Фокус

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Светот и човештвото не може да ги уништи никој убивајќи луѓе бидејќи луѓето одново ќе се раѓаат и ќе го заземат местото на убиените. Глупоста може да уништи само поединци, но не и едно цело општество. Можно е да се убијат стотина луѓе во Париз, други стотина во Турција, можно е да се темпираат бомби во Либан и во Нигерија, можно е да се нападнат кулите во Њујорк или на друго место, но светот може да се уништи само уништувајќи ги вредностите што луѓето ги чини луѓе.

Но, останува фактот дека изворот на сите лошотии, предизвикувачот на убиства и масакри, на војни и поделби, се наоѓаат во срцата човечки.

Поради тоа, пред  да ги обвиниме другите за лошотијата што нѐ обзема, би требало да погледнеме во длабините на нашите срца. Што се случува таму, што криеме еден од  друг и што се обидуваме да скриеме од самите себе? Да повредиш некого кажувајќи му ја вистината и помирувајќи се со Бога е апсолутно поблагородно и поправедно отколку да убиваш преку ширењето лаги.

И годината што ја оставаме зад нас, за жал, беше исполнета со лаги и разочарувања, со војни и терористички напади, кои оставија белези и траги во меморијата на човештвото. Наместо напредок, на исламот му се наметна  атмосфера во која тој е присилен да се брани и да се правда себеси, да докажува дека не може и не смее да биде презентиран низ светот од еден грст луѓе што погрешно ги интерпретираат неговите учења, ниту од еден грст злосторници. Наместо да се гордее со слободите што го сочинуваат неговиот фундамент, исламот, неправедно, често се атакува како тлачител на човечките и на верските слободи.

Потсетувам дека според исламското учење, на секој човек, без оглед на која нација или на која вера ѝ припаѓа, било да е верник или не, му припаѓаат елементарните права бидејќи е човечко суштество. Секој муслиман е обврзан да ги почитува правата и слободите на немуслиманите, значи и нивните верски права. Тоа, нормално, значи и дека муслиманот, со сета упорност, треба да ги бара и да се избори и за правата што нему му припаѓаат од Бога.

Ако се анализира атмосферата во која живеат муслиманите во Македонија, што би можело да се констатира?

Ќе се констатира, иако на прв поглед се чини дека муслиманите ги уживаат верските права и слободи, дека тие всушност се дискриминирани институционално, факт кој најдобро се забележува преку неправдите на кои е изложена Исламската заедница, како единствен претставник и репрезент на припадниците на исламот. Проблемите околу денационализацијата на имотот преку кој ИВЗ многу поквалитетно би ја вршела својата задача, узурпирањето на објектите од историска вредност, нападите на џамиите кои редовно завршуваат како дело на „непознати сторители“, поттикнувањето на исламофобијата, претставуваат само еден мал дел од лепезата дискриминации, кои воопшто не ѝ одговараат на една мултиконфесионална и етнички мешана држава. Тука демократијата трпи ниски удари и токму тие удари влијаат незадоволството на муслиманите да добива разни форми и изрази. Се надевам, не и форми што предизвикуваат немири.

Во секој случај, да се сметаш себеси привилегиран во однос на другите луѓе затоа што тие припаѓаат на друг етнос или на друга вера, е крајно неприфатливо. Ако таков став кон еден дел на народот се чувствува во односот на државата и на системот, тогаш тоа се нарекува со изрази што звучат многу негативно и не би сакал да ги споменувам во оваа пригода. Пејгамберот Мухамед а.с. рекол: „Арапинот нема предност во однос на неарапинот, како што и неарапинот нема предност над Арапинот. Белиот човек нема предност во однос на црниот човек, како што и црниот нема предност над белиот. Сите вие сте синови на Адем, а Адем е создаден од земја“

Врз тие и такви принципи треба да опстои светот и секое друштво, значи и демократска мултиетничка и мултиконфесионална Македонија. А треба да функционира и врз надминувањето на судирот меѓу принципите и предрасудите, судир кој, да речеме, американскиот претседател Џеферсон го надминал уште во 18 век, оставајќи  во аманет еден тест и за нас што живееме дури неколку века по него. Епитафот на неговиот гроб кој тој самиот го напишал, вели: Автор на Декларацијата за независноста на Америка и на Законот за верските права, татко на Универзитетот во Вирџинија. Со тоа се гордеел Џеферсон.

Се разбира, Џеферсон ги бранел и ги концептирал верските права како нешто што реално е остварливо и како еден од столбовите на Америка и на нејзиното значење денес. Дали научиле нешто нашите политичари од идејата за верскиот плурализам на покојниот американски претседател е многу голема дилема. Не знам зошто, но имам некое чувство дека ама баш ништо не научиле, како што ми се чини дека воопшто ништо не разбрале од Божјите закони и заповеди.

Човечките и верските права не може да служат како зборови нафрлени на хартија што ќе се фрли по првата употреба.

Поврзани новости