Високи владини извори: Државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија

by fokus

Уставните измени во третата и финална фаза денеска повторно пред пратениците во Собранието во рамки на 75. седница, откако вчера закажаната седница беше одложена и презакажана за денеска во 12 часот.

Ова е трет обид да започне седницата на која ќе бидат усвоени уставните амандмани, откако изминативе два дена седницата беше постојано пролонгирана и одложувана.

Причина за ова презакажување е тоа што премиерот, Зоран Заев, има се уште мака да се договори со крилото на Билал Касами во БЕСА, кое ги има потребните гласа за постигнување на двотретинско мнозинство. Без пратениците на Касами, уставните измени не би можеле да се донесат.

Како што е познато Касами бара промени во амандманите, такви што би задирале во самиот Договор од Преспа. Имено условите на Касами се во графите за државјанство да не стои македонско, туку само граѓанин на Република Северна Македонија. Според неофицијални извори, Касами понудил опција етничките Албанци во Македонија да можат сами да изберат како да гласи државјанството во нивните патни исправи, но високи владини извори велат дека за тоа воопшто не се разговарало.

-Не е точно. За тоа воопшто не се разговара. Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија – велат од Владата.

Премиерот Зоран Заев вчера кажа дека се уште се во преговари со партијата Беса на Биљал Касами, која има два пратеника во Собранието, околу нивните барања за уставните измени, со фокус на начинот на кој ќе се дефинира државјанството и за заштитата на дијаспората, но засега нема официјални информации за текот на преговорите.

– Не можам да кажам дали ќе гласаат 80 пратеници, или пак ќе бидат 79 или 82 или 88, никој тоа сега не може да го каже. Верувам дека процесот на разговори кој течеше дава можност да веруваме дека ќе се обезбеди потребниот број од 80 пратеници, тоа е конечната цел и за тоа разговараме, изјави Заев.

Паралелно со подготовките за уставните измени во Собранието, надвор пред парламентарната зграда се одржа граѓански протест против промена на името, во организација на „Македонија блокира“ и партијата „Единствена Македонија“. На протестот се приклучи и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во своето обраќање порача дека „на отворена сцена се одвива ова пазарење со името и идентитетот “ и дека “тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе сторат се за договорот да не се случи“.

Македонското Собрание на 19 октомври со 80 гласа ја донесе одлуката за пристапување кон уставните измени. Иако потребното двотретинско мнозинство во правата фаза од менување на Уставот беше неизвесно до самиот почеток на гласањето, сепак во последен момент освен 72 пратеници од владејачкото мнозинство за пристапување кон изменување на Уставот гласаа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. За втората фаза, која помина минатиот месец, беа потребни 61 глас од вкупно 120 пратеници. За завршување на третата и последна фаза е потребно двотретинско мнозинство гласови.

Поврзани новости