Виличари и уличари

by fokus

На Македонија не и требаат виличари и уличари и на чело на општините, и онака ги има насекаде, туку и требаат луѓе со визија, способност, и чесност, луѓе кои ќе работат за доброто на сите.

Звонко ДАВИДОВИЌ

Што е тоа  што е силно само на вилица и пред избори, асфалтира улица? Крадоначалник, упс извинете, градоначалник.

Рано утро, само што се разденило, наместо пеењето на птиците се слуша бучава и се чувствуваат вибрации. Се тресе зградата, а филџанот кафе танцува по тацната и со ѕвецкањето на венецијанерите создава чудна музика.

Погледнувам од тераса што се случува вака рано наутро и гледам тоа крадоначалникот изведува предизборна крадоначалничка симфонија. Компресорот го дава основниот ритам, ваљакот свири тежок бас, финишерот како да  импровизира на клавијатура, а работниците со лопатите и греблата солираат. Намерно се почнува во рано утро за да видат сите дека крадоначалникот не спие, работи од мугри оти избори се ближат.

АВАНСНИ ГЛАСОВИ

Само тогаш и можете да го видите крадоначалнимот дека работи, само тогаш можете да ја почувствувате неговата грижа за општината или градот, само тогаш е љубезен и достапен, како човек кој бара заем. А баш така и ги бара гласовите, како заем со ветување дека ќе го врати од приходот од својата работа, а кога ќе го добие заемот “правац у кафана” а долгот наплати го ако можеш.

Така и крадоначалникот бара гласови авансно, на жими мајка, а обично така и го  завршува мандатот со жими мајка во следниот мандат се ќе направи. Исто како кога земаш кредит за да покриеш стар кредит кој не си го отплатил.

Виличари и уличари, такви ти се кај нас крадоначалниците, јаки само на вилица, на зборови, муабети по кафани, слаби на пари, чашки и анимир дами, исполнителни и вредни, мерејќи улици и сокаци кои ги асфалтираат пред изборите.

ПРВ ЧОВЕК ВО ГРАД ИЛИ СЕЛО

Никогаш не ми било јасно како тоа едно село може да има градоначалник кога нема град, правилно би било да е селоначалник. Истото е и со општината, а такви ги има многу, кои немаат град во својот состав, а повторно имаат градоначалник, наместо општоначалник.

Тогаш сфатив дека зборот градоначалник не се однесува на началствување во град и дека зборот неправилно го употребуваме и изговараме занемарувајќи ја палатализацијата или омекнување на согласката, па која од г, омекнува во к како и карактерот на носителот на функцијата. Така градоначалник со омекнување на карактерот, доблестите и принципите станува, односно преминува во крадоначалник, па е сеедно дали е прв човек  во град, или село или општина.

Крадоначалникот својот мандат го преспива како мечка во зимски сон и единствено се буди пред избори. Тогаш е вреден, исполнителен, асфалтира улици, крпи дупки, поправа тротоари, додека периодот меѓу изборите обично се бави со кафеани, фудбалски натпревари, билдање на своето конто, самобендисување и фалење од типот “триста метри асфалтирав”, сто квадрати бекатон поставив и 10 контејнера и ги покажува рацете небаре пликови му излегле од толку многу работење.

ПРОСЛАВИ И ЖУРКИ

Крадоначалникот има уште две многу битни улоги, првата е дека е одговорен за културно забавниот живот на партискиот кадар. Прослави и журки се прават постојано и за секој повод. Победа- журка, пораз -журка, паднал снег- журка, заврнал дожд- журка, бојадисани два пешачки премина- журка, сменети три сијалици на уличното осветлување- журка и тоа на плоштадот на општината да се чуе, види и знае колку се позитивни и безгрижни.

Втората улога е контролна, лакмус улога. Тие се предвесник, сигнал, рана фаза на резултатот на републичките избори.

Како стојат сега работите добар дел од крадоначалниците со свиткана опашка ќе седат во сопственото дворче пред куќата или на тераса од станот, заборавени како да непостоеле, а еден дел ќе седи по воспитни и поправни установи.

На Македонија не и требаат виличари и уличари и на чело на општините, и онака ги има насекаде, туку и требаат луѓе со визија, способност, и чесност, луѓе кои ќе работат за доброто на сите.

Поврзани новости