Викторија Лоба за државјанството: Ме ставиле прва на дневен ред, оти најверојатно сум им се видела како најлесна точка!

by Fokus
Голема чест ми е што добив државјанство и што станав граѓанин на Македонија. Ова е земјата во која што јас планирам да го поминам животот, да творам, да придонесувам – раскажува за ,,Фокус’’ поп пејачката Викторија Лоба, која денес е топ тема во медиумите, откако се објавија точките на дневен ред поставени за 51 седница, на која Владата расправала за нејзино добивање на државјанство.

На дневен ред како прва точка било ставено нејзиното барање да и се одобри државјанство на Република Македонија, по што во повеќе медиуми објавија дека таа на некој начин била приоритет на министрите кои одлучувале по прашањето.

Пејачката по потекло од Русија, на шега вели дека не се работи за никаков приоритет или ,,фаќање’’ на врски, туку смета како таа најверојатно им била најлесна точка за решавање на министрите, па затоа и се нашла на прво место.

– Од моја осумгодишна возраст сум во Македонија. Од Русија се преселивме во Македонија заедно со мајка ми, која дојде овде поради професионален ангажман. Пред неколку месеци поднесов барање за добивање на државјанство, и среќна сум што ми беше одобрено. Тоа е редовна процедура за секој поединец и мора првин да помине на владина седница. Моето барање се нашло како прва точка, најверојатно поради тоа што било најлесна точка за решавање и драго ми е што по 21 година живот во Македонија, добив и државјанство – раскажува пејачката.

Таа вели дека изминатиот период го минува работно, и подготвува два нови албуми кои би требало да бидат финиширани во текот на оваа година.

-Моментално снимам два спота, се работи и на нови песни, времето ми е исполнето со професионални обврски. Наскоро ќе следи промоција, каде јавноста ќе може да го види крајниот резултат од мојата работа – изјави Лоба.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости