Викотници, исклучување на микрофони и барање „процедурално“ за уставните судии

by fokus

Викотници, исклучување на микрофони и барање на опозицијата „процедурално“ може да се види на снимката што денеска ја објави претседателот на Комисијата за избори и именувања, Костадин Костадинов којашто се одржа вчера и на којашто требаше да бидат предложени нови тројца уставни судии кои треба да ги заменат судиите чиј мандат истече минатата недела.

-Насилството, вербалните закани кон службите и пратениците мора да престанат. Уште еден црн понеделник запишан во историјата на Македонскиот Парламент. Блокадите, бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ да се види пред јавноста и да биде извадена пред судот на јавноста. Одземање на микрофон, вербални закани, напади кон службите и кон пратениците кажано со еден збор е НАСИЛСТВО. Почитувани граѓани ве уверувам дека и покрај ваквите обиди за блокирање успеавме да го донесеме дневниот ред.Благодарност до службите и колегите на трпението и силата да го издржат овој сериозен напад на парламентарната процедура”, напиша Костадинов на социјалните мрежи.

Претседателот на Комисијата Костадин Костадинов вчера ја прекина седницата и рече дека засега не се знае кога ќе продолжи бидејќи пратениците од опозицијата му се нафрлиле и комисијата можело да заврши со физички напад.

Пратеникот Игор Јанушев, кој пак е член на Комисијата тврдеше дека на Комисијата на која имало 21 точка дадени во предлог Дневниот ред, за седум точки воопшто не им бил доставен никаков материјал, а од нив се барало да го гласаат истиот Дневен ред. Тој ја обвини власта дека ги крши сите процедури и ја дефокусира јавноста со тоа што го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека го бојкотира Собранието.

-Но уште еднаш, односно на Комисијата уште еднаш го видовме лицемерието на власта и нивниот дрзок шарлатански однос, бидејќи беше ускратено правото на збор, значи она што го гледаме во секојдневните говори за демократија и демократски принципи и за едноставно за дијалог значи е само нешто кое што си го даваат на прес конференции и изјави. Но, кога треба да се покаже на дело ништо, ништо од тоа. И уште еднаш ќе повторам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа удостоени да им се даде збор за да го аргументираме односно се обидовме да аргументираме зошто не беа создадени услови за да Комисијата започне со работа. И дадовме многу конструктивен предлог истата да биде прекината да се дополни дека не е ништо итно и дека може попладне утре да се продолжи со работата, кога ќе ни бидат доставени материјалите на увид, изјави Јанушев.

Според процедурата, членовите и замениците на Комсијата имаат право да предложат уставен судија, а единствени критериуми, според Уставот, се кандидатот да биде истакнат правник и да не биде член на партија.

Собранието треба да избере тројца уставни судии кои треба да добијат 61 глас од пратениците. Додека пратениците водат партиска битка, Уставниот суд работи со тројца судии помалку бидејќи мандатот на Никола Ивановски, Елена Гошева и Сали Мурати им истече минатиот месец. Се шпекулира дека пратениците од мнозинството за уставен судија ќе ја предложат поранешната пратеничка од СДСМ и актуелен генерален секретар на Собранието, Цветанка Иванова и адвокат од Битола. Додека за опозицијата се шпекулира дека можно е да ја предложи пратеничката Гордана Силјановска-Давкова. Сепак имињата на предложените уставни судии ќе се знаат кога ќе биде закажана нова седница на Комисијата.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости