ВИДЕО Заев и Борисов со заедничка изјава: Наместо да не разделуваат, овие празници може да не зближат

by fokus

Премиерот Зоран Заев, во придружба на сопругата и на владината делегација во состав министрите Оливер Спасовски и Роберт Алаѓозовски, во рамките на посетата на Република Италија и на Светата Столица (Ватикан) по повод Манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.

Двете владини делегации предводени од премиерите Заев и Борисов учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим.

 

Заев во заедничка изјава со Борисов истакна дека со својот подвиг и мисија, Свети Кирил и неговиот брат Свети Методиј, ја задолжија тогашната сесловенска христијанска цивилизација, и дека нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава, како и посебно место во историското и духовното наследство и на другите народи на Балканот, како што е нивното достојно место во историјата на Република Бугарија.

„Со заедничките активности за одбележување Светите браќа Кирил и Методиј, ние го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на мисијата на Свети Кирил и Методиј, а тоа е порака за дијалог и меѓусебно разбирање“, нагласи Заев.

Тој додаде дека нивното дело тогаш имало наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога, и преку писмо разбирливо за словенските народи го организирале заедништвото во црквата, во Христа, како суштинска карактеристика на христијанската вера.

„Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки нè не делат, туку не поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години не учи и нè инспирира“, рече премиерот.

Премиерот на Република Бугарија во своето обраќање истакна дека со чествувањето на празникот пред плочите каде е осветена нашата азбука се сеќаваме и на тоа колку големи дипломати биле Свети Кирил и неговиот брат Методиј во тоа време, кога требало да го убедат папата Адријан II дека треба да се шири словенското писмо.

Премиерот Борисов рече дека заедничкото учество во активностите за оддавање на чест на Свети Кирил со владиците од македонската и бугарската православна црква ја потврдува заедничката определба за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, и дека споделувањето и меѓусебната почит кон историските настани и ликови, го градат патот на иднината меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Наместо овие празници да прават раздор меѓу двата народи, може да не зближуваат, заклучи премиерот Борисов.

Поврзани новости