ВИДЕО Уште една лекција од Стефановски: И во Македонија се полнат концертни сали кога се нуди квалитет

by fokus

Се уште се сумираат впечатоците и трае воодушевувањето од концертот на музичкиот виртуоз Влатко Стефановски, кој се одржа завчера во Античкиот театар во Охрид.
Најпознатиот гитарист во земјава, заедно со своите колеги – музичари и пријатели Весна Гиновска Илкова, групата „Љубојна“, Биља Крстиќ, Танос Ставридис и Теодосиј Спасов и приреди незаборавно доживување на публиката.

-Влатко и гостите донесоа магија на древната охридска арена – е коментарот кој може да се слушне помеѓу многубројните посетители од кои добар дел дојдоа во Охрид само поради неговиот концерт.

Искусните познавачи на неговата музика тврдат дека секој негов концерт е одличен, но сепак, звуците на неговата гитара во Античкиот театар се нешто кое е неописливо и треба лично да се доживее.

За изборот на гостите, исто така има само пофални критики. Одличен спој на врвни уметници, секој од нив докажан во својата област, а заедно со Стефановски, дел од една убава музичка приказна за која долго ќе се прикажува.

Гостите пак, почестени што беа дел од перформансот кој ги наполни срцата на присутните.

Оперската дива Весна Гиновска Илкова, со која Стефановски ги изведе „Учи ме мајко, карај ме“, „Македонско девојче“ и „Time to say goodbye“ вели дека Охрид го напушта задоволна, исполнета со прекрасни впечатоци од целиот настан.

-Античкиот театар е магичен! Целата атмосфера ја имаш на дланка. Одекот од пеењето на публиката не остава да бидеш рамнодушен. Најубавите македонски песни ги отпеав заедно со Влатко! И тоа спој на оперско пеење со гитара. Задоволна го напуштам Охрид – ни изјави таа.

Преполниот Антички театар ги фрли во вода тврдењата дека во Македонија нашите музичари не можат да наполнат концертна сала и да соберат доволно публика без делење на гратис карти. Ги поби и тврдењата дека нашиот народ нема слух и интерес за квалитетна музика. Билетите на концертот се продаваа по цена од 1.000 и 1.200 денари, а публиката дојде од сите краеви на земјава.

Во март годинава, во Македонската филхармонија тој имаше концертна промоција на својот 35 албум во богатата кариера, насловен „Мајчин јазик“, во издание на „Кроација рекордс“. Поради големиот интерес на публиката, одржа три концерти на 17 – ти, 18 – ти и 20 – ти март.

-Драго ми е што нашата публика се сети на мене и ме испочитува, што си разменивме една голема взаемна благодарност. Убав знак е кога се почитуваме дома. Тоа значи дека полека започнал да се топи мразот, и топло ми е околу срцето – ни изјави тој по концертите во Скопје.

На концертот во Антички театар пак, порача дека Охрид за него е место полно со магија, дух и уметност и како секогаш е голема инспирација за него.

Вики Клинчарова

Поврзани новости