ВИДЕО Тарчуловски ветува водовод и канализација за тие што ќе му донесат најмногу гласови

by fokus

На средба со граѓани во Кисела Вода, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник, Јохан Тарчуловски, им ветува дека општината ќе инвестира прво онаму од каде што ќе добие најголема поддршка. Тој што ќе донесе најмногу гласови, вели Тарчуловски, тој ќе добие и предност. Видеото го објави СДСМ.

„Те донеле тебе Припор и Драчево и главните места и тука ја имам терет и одговорност према луѓето, а не Пржино, Црниче, кои што се 90 отсто против мене. И тој не ти ни отвора врата и те пљука од прозор, сега ме тера некој да му правам јас одвод и канализација, а ти овде немаш ни струја, ни вода. Не може тоа така бе! Има ред. Ќе почнеме први од тој што заслужил. Тој што донел највише гласови, на тој ќе му се направи. После ќе видиме дали ќе има нешто за другиот или ќе нема. Ќе си чекаш ти ребаланс кога ќе дојде редот на другиот“, им порачува Тарчуловски на гласачите.

Од СДСМ велат дека видеото покажува како Тарчуловски го замислува управувањето со општината.

-Тарчуловски  призна дека за граѓаните на Црниче и Пржино нема канализации, улици и водоводи затоа што немало да гласаат за него. Ова е удар врз граѓаните од Тарчуловски, кој е човек кој дели и се одмаздува. Ваквиот став на Тарчуловски е само уште еден доказ за тоа како ВМРО-ДПМНЕ  функционираше и дека се уште е заробено во старата ера. ВМРО-ДПМНЕ и Тарчуловски, не само што не можат да излезат од политиките на поделби, протекции, непотизам со кои владееа 11 години, туку отворено кажуваат дека така ќе продолжат и во иднина – изјави денеска Сашо Мержаноски, дел од изборниот штаб на кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од СДСМ.

 

Поврзани новости