(ВИДЕО) Срам во Тетово: Навивачи на Шкендија наместо молк за жртвите од Кочани, пееја и исвиркува

by Fokus

Натпреварот меѓу Шкендија и АП Брера од Струмица го одбележа недолична сцена на почетокот на мечот кога домашните навивачи решија наместо да ја испочитуваат предвидената минута молчење во чест на фудбалерот Андреј Лазаров и останатите жртви од трагедијата која се случи во Кочани, пееја, скандираа и исвиркуваа, со што предизвикаа голем револт во целата држава.

Поради нечовечкиот однос на навивачите на Шкендија кои за време на минута молк за жртвите од Кочани пееја песна за УЧК, тетовскиот клуб може да добие голема казна од 4 до 12 натпревари без присуство или суспензија на теренот, односно играње надвор од Тетово, како и парична казна од 5.000 евра. Фудбалската федерација на Македонија веројатно ќе отвори дисциплинска постапка поради овој потег, а одговорноста паѓа на сметка на ФК Шкендија.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го осудува говорот на омраза и непочитувањето изразено на фудбалскиот натпревар во Тетово.

„Тоа не само што не е етички, туку и го нарушува единството и солидарноста која е повеќе од потребна во овие моменти. Не сакаме да веруваме дека ова е дел од едно сценарио за нарушување на меѓусебните етнички односи, но очигледно националистичките и шовинистички скандирања се последното прибежиште на оние кои во политиката гледаат можност на криминал и богатење.

Ова не треба да се претстави како тензија помеѓу Македонците и Албанците, бидејќи изразуваме огромна почит кон Албанците за своите гестови на сочувство и почит кон своите сограѓани Македонци поради неодамнешната трагедија во Кочани.

Од тие гестови треба да се земе пример за заедништво, соживот и меѓусебна почит и да биде светлина во моменти на трагедија и предизвици, но и кога вакви провокации како оваа денес од страна на мала контролирана група ќе се обидат да го нарушат спокојот на сите наши граѓани.

Благодарност до сите етнички заедници за својот придонес и поддршка на своите сограѓани Македонци во овие тешки времиња на тага и предизвици. Со демонстрирањето на заедништво и меѓусебна почит, Македонија, докажува дека е посилна од сите оние кои сакаат да ја однесат во лош правец. Бараме реакција од сите општествени чинители кои мораат да влеат доверба и меѓусебна почит“, се вели во осудата.

Поврзани новости