Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изрази сочувство до роднините на загинатите во пожарот во Кочани и се потпиша во книгата на жалост во македонската амбасада во Софија.
Тој изјави дека Бугарија е подготвена да прифати на лекување повеќе повредени и дека се чека македонските власти да кажат дали има потреба од преземање на уште десет лица.
„Во готовност се и авионот ‘Спартан’ и медицинските тимови, така што ќе продолжиме да даваме помош. Бугарија е подготвена и ќе продолжи да помага во сѐ што е потребно. Најважно е што оваа трагедија покажува дека луѓето од двете страни на границата можеби ќе мора да се потпираат еден на друг, но не само во денови на искушенија како денешните, туку заради нашата заедничка европска иднина“, рече шефот на бугарската држава.
Во бугарските болници во моментов се хоспитализирани 14 повредени, кои беа пренесени со воено-транспортен авион „Спартан“ и со амбулантни возила на софиската Итна медицинска помош.
Македонската амбасадорка Агнеза Руси-Поповска, која го пречека претседателот Радев во амбасадата, изјави дека денеска во Софија се очекува да пристигнат министрите за здравство и за надворешни работи Арбен Таравари и Тимчо Муцунски за да ги посетатат повредените македонски граѓани хоспитализирани во бугарските болници.