Бугарската полиција уапси 18 лица после помалите судири за време на синоќешниот протест против корупција во центарот на Софија, недалеку од местото каде што се собраа приврзаниците на бугарската Влада.
На демонстрациите против корупцијата на улица излегоа илјадници луѓе кои ги обвинија главниот државен обвинител и Владата дека намерно ги одложуваат истрагите за врските меѓу бугарските олигарси и корумпираните функционери.
Демонстрантите се собраа откако по наредба на обвинителството беше извршена рација во канцеларијата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој често ја критикува Владата.
Владејачката партија ГЕРБ, од чии редови доаѓа премиерот Бојко Борисов, соопшти дека Радев подгрева политичка криза која, како што истакна оваа централно-десничарска партија, може да биде само во служба на сомнителни деловни интереси.
Во денешното обраќање до нацијата, пак, Радев рече дека протестите покажале оти на Бугарите од сите политички определби им е доста од сè.