(ВИДЕО) Потресна исповед на скопјанка: Татко ми три седмици е во кома, а докторите прават забава во негова соба!

by Fokus

На трети јуни скопјанецот Томе Марковски паднал од кров и веднаш со Брза помош бил пренесен во Клиничкиот центар на Неврохирургија, каде му е извршена операција.

Оттогаш, тој е во кома, а неговата ќерка Александра при денешната посета се соочила, како што вели, со непријатна ситуација.

Таа за „Фокус“ тврди дека вчера утрото неколку доктори и медицински сестри се однесувале непристојно во собата со пациенти, пуштајќи музика и гласно зборувајќи.

„Поради протоколот не е дозволена посета, а ние како семејство му носиме само течна храна и хигиенски производи (на нивно барање) секој ден. Досега немав лошо искуство и персоналот беше фин и услужлив. Денеска ме пречека шок. Музиката се слушаше од лифтот, галама имаше како во некоја кафеана“, вели Марковска за „Фокус“.

Чекала десетина минути да и биде отворена вратата од собата, при што била изненадена по вторпат од како што вели, односот на медицинскиот персонал.

„Се отвора вратата после 10 минути и сите таму беа седнати на куп во собата кај пациентите. Значи пред креветите нивни. Дојде една сестра, која од старт беше дрска. И реков дека носам храна за пациент и ја прашав: што е со музикава. На тоа добив одговор: ти госпоѓо тука дојде храна да донесеш или да се расправаш. Јас само возвратив смирено: не се расправам, татко ми е во кома а вие музика сте пуштиле, се забавувате”. Следуваше нов шок од истата сестра: па тука има будни пациенти, и тие сакаат музика“, додава нашата соговорничка.

После тоа, како што вели Марковска, и било посочено да причека надвор, каде повеќе од еден час никој не ја отворил вратата, додава таа.

„Се вратив во пет часот попладнето, како ништо да не било. Тогаш ме пречека млад доктор кој ме информираше за состојбата, исхраната, третманот и идните планови. Не можам да верувам дека медицински персонал се однесува така, во соба каде лежат луѓе на интензивна нега и треба да мируваат“, го заврши разговорот Марковска.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости