ВИДЕО: Потоп во Државен архив, кофи на сите страни, вработените го спасуваат македонското национално богатство

by Fokus

Државниот архив на Република Македонија после вчерашните дождови осамна под вода, информираа дел од вработените таму, кои за „Фокус“ во детали ја објаснија страшната ситуација во која се наоѓаат историските документи.

„Како и после секој дожд, во изминативе години, и денес Државниот архив на Република Македонија осамна под вода. За разлика од досегашното прокиснување и течење на водата по ѕидовите, денес водата во големи количини почна да застојува на подот. И ако досега прокиснувањето беше на одредени точки, денес водата отвори нови дупки на таванот. Вработените, кои веќе навикнаа на вакви катастрофални услови за работа, целосно се подготвени и се борат со водата за да го спасат македонското национално богатство – тврдат вработени од Архивот.

Тие уште додаваат дека сите се ангажирани во депото и ги пренесуваат микрофилмуваните материјали од поплавените простории по посуви.

„Она што е непознато и за вработените е фактот колку нови процепи и каде ќе отвори водата со следните врнежи. Само благодарение на организираноста на вработените досега се спасува што може да се спаси. Проблемот е уште поалармантен кај хартиената граѓа бидејќи таа е подложна на впивање на влагата, а потоа несоодветно чуваните документи во сегашното импровизирано депо, документи би се уништиле од мувла – додаваат од Архивот. 

Поврзани новости