ВИДЕО Мајк Помпео пристигна во Охрид

by fokus

Американскиот државен секретар Мајк Помпео  попладнево пристигна на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи Никола Димитров.

За време на неколкучасовниот престој во Охрид, предвидено е државниот секретар на САД да оствари одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

На средбите во Охрид, како што информираа за МИА од Стејт департментот, Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ. Велат дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратегиски важен дел од идејата за обединета Европа и затоа државниот секретар Помпео ја комбинира повеќедневната официјална посета на регионот „за реафирмација на сојузништвото со 29-та (Црна Гора) и 30-та (Северна Македонија) членка на НАТО“.

Разговорите ќе се фокусираат и на безбедноста и можностите за економски развој на земјата. Една од темите ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.

Според програмата, предвидено е секретарот Помпео да ја посети и црквата „Света Богородица Перивлепта“, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД, односно од американските даночни обврзници.

Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција.

Претседателот Стево Пендаровски посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео ја оцени како враќање на голема врата на САД во регионот.

Поврзани новости