ВИДЕО Коњот купен за 100ка колабира на улица, друг почина фрлен, а никој не реагира, алармираат од „Анима Мунди“

by fokus

Од невладината организација „Анима Мунди“ алармираат на инстиуционалниот молк за негрижа на коњите откако еден беше снимен како колабирал на улица во Велес, а друг починал во дворот на училиште во Прилеп. Од невладината велат дека постои целосно игнорирање и незаинтересираност за секојдневниот проблем на злоупотреба, преработување, искористување на коњите како превозно средство и средство за влечење товар во Република Македонија.

Претходно низ социјалните мрежи се рашири видео од коњот во Велес кој паднал на улица додека влечел запрежно возило. Децата кои го управувале велат во видеото дека го купиле за сто денари.

„Децата се немоќни било како да му помогнат, а воедно толку мали што е скандалозно што полиција претходно ги нема запрено за да се превенира опасност по нив  и спречи сериозно нарушување на безбедноста во сообраќајот по сите други граѓани“, велат од невладината.

Од „Анима Мунди“ споделија и фотографии од измачен коњ засолнет во училиште во Прилеп, толку изнемоштен и повреден, фрлен како ѓубре на улица, кој за жал иако хумани граѓани се обиделе, не успеале да го спаса, па коњот починал. Од таму апелираат да се превземат итни мерки за да се спасат коњите од секојдневно злоставување и измачување.

„Иако поднесовме предлог иницијатива до сите надлежни институции; иако побаравме од кандидатите за градоначалници на локалните избори да се   заложат за ургентно воспоставување на забрана за движење на влечни коли со коњи во урбани средини, во рамки на Одлуки за комунален ред на ЕЛС –  со што ќе се оневозможи злоупотребата на коњите и обезбеди поголема безбедност на сите граѓани во сообраќајот –  ниту еден  до сега не се произнесе за нашето барање. Никој децидно не кажа дека конечно ќе се превземат мерки да запре мачењето на овие животни; дека се обезбеди сообраќајна безбедност и обештетат оние кои со овие коњи преживуваат на начин на кој не смее да живее никој во едно нормално, цивилизирано општество“, велат од невладината за заштита на животните.

 

Поврзани новости