Видео и хорор фотографии од реформите на Тодоров: Фекалии го поплавиле Здравствениот дом во струмичко Ново Село

by Fokus 13:42
13:42

Во услови кога министерот за здравство Никола Тодоров постојано се фали со нови реформи и проекти во јавното здравство, со реконструкција на болници и набавка на медицинска опрема, сликата на терен покажува нешто сосема друго.

До редакцијата на „Фокус“ беа испратени видео и фотографии од условите во кои работат лекарите, а се лекуваат пациентите во Здравствениот дом во струмичко Ново Село. Од тоа што успеавме да го видиме, лекарите и медицинскиот персонал, како што велат работат во субстандардни услови под секое човечко достоинство, односно нагласуваат дека ова е Здравствениот дом на хоророт, ужасот. Во болницата доаѓаат да се лекуваат од деца до пензионери, секој со својата мака.

Во Здравствениот дом во Ново село работат двајца матични лекари и двајца стоматолози, кои опслужуваат околу 5.000 пациенти, како и гастарбајтерите кои доаѓаат во летниот период и за време на празниците.

Според фотографиите, тоалетите се како во Втора светска војна, руинирани и запушени со излевање на фекалиите, одводните цевки се пукнати и сите фекалии се излеваат во подрумот на боницата, ходниците се темни и ладни, а во просторијата каде што се прегледуваат пациентите цела година од осум неонки работат само две, што значи дека при облачно време или темно никако лекарите не можат да извршат преглед на пациенти. Исто така, фасадата се распаѓа од влагата, дворот не е асфалтиран, па во зимски услови и на дожд, како што тврдат лекарите, слободно можат да се возат во кајчиња. На фотографиите и на видеото може да се забележи како фекалиите од тоалетите го преплавиле подрумот затоа што е запушена канализацијата.

Сето тоа се случувало пред неколку месеци, па лекарите немајќи избор за да не се распадне болницата, решиле работите да ги преземат во свои раце и со нивни пари ангажирале фирма за да го санира одводот затоа што Здравствениот дом од својата буџетска сметка не сакал да ги реши проблемите.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со директорот Васко Чаушевски, но тој не одговараше на нашите телефонски повици.

Ова се само дел од фотографиите од Здравствениот дом во струмичко Ново Село

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости