(ВИДЕО/ФОТО) „Цела Влада оставка! Убијци! Доста бевме ние, системот е следен!“: Граѓански собир на „Кој е следен?“

by Fokus

„Цела Влада оставка! Убијци! Доста бевме ние, системот е следен!“, беа дел од пораките кои граѓаните ги испратија на протесниот собир кој го организираше движењето „Кој е следен?“.

Протестот започна во 18 часот и 59 минути на плоштадот „Македонија“ во Скопје со триминутен молк за загинатите во Кочани и со положување цвеќе на плоштадот “Македонија”, по што околу 10.000 собрани граѓаните се упатија кон Собранието преку Триумфалната капија.

Во „Жена парк“ наспроти Собранието и Градската болница имаше петминутен аплауз за здравствените работници. Маршот продолжува кон Владата каде се одржа 16-минутен молк.

 

Од движењето поставија и конкретни барања пред собирот. Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од Државен пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Локален градежен инспекторат, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи.

Потоа, бараат дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот „Пулс”.

Исто така побараа, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“. Воедно, движењето бара Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.

фото: Томислав Георгиев

Поврзани новости