ВИДЕО Двајца тинејџери уапсени во врска со убиството на новинарката од Северна Ирска

by Fokus
Уапсени се двајца тинејџери во врска со убиството на северноирската новинарка Лира МекКи во Лондондери, соопшти полицијата. Двајцата мажи на возраст од 18 и 19 години се задржани во Лондодери согласно антитерористичките закони и се одведени во Белфаст на распит, соопшти локалната полиција.

МекКи (29) беше погодена од куршум додека известуваше од протест во Лондодери во четвртокот навечер.

Локалната полиција вчера соопшти дека се сомнева оти за тоа е одговорна „Нова ИРА“ (Ирската рапубликанска армија). Помошникот началник на полицијата Марк Хамилтон вчера изјави дека полицијата случајот го третира како „терористички инцидент“.

Во времето на инцидентот, републиканците на полициските возила фрлале запаливи бомби, а во еден момент се чул истрел од огнено оружје. МекКи стоела во близина на полициското возило со други новинари. Надзорните камери ги снимиле нејзините последни моменти во масата народ, а на снимки од мобилни телефони се забележуваат сомнителните напаѓачи.

Полициската служба на Северна Ирска соопшти дека стрелец пукал кон полициските службеници во четвртокот, околу 23 часот. На снимката се гледа маскиран напаѓач како се потпира и се чини дека пука кон полицајците и набљудувачите, па се претпоставува дека таа е убиена од залутан куршум.

Поврзани новости