(Видео) Анонимен извор за српски „Данас“: Жандармеријата во Србија имала распоредено „звучни топови“ за време на протестот во Белград

by Fokus

Според сведочењето на припадник на српската Жандармерија за белградскиот весник Данас, српските власти за време на големиот протест на 15 март имале распоредено повеќе таканаречени „звучни топови“ на различни локации низ Белград.

Жандармот, чие име не е објавено, открил дека еден од овие уреди бил поставен зад зградата на Народното собрание, монтиран на возило „Дефендер“, кое припадниците на единицата колоквијално го нарекуваат „индијанец“.

„Покрај ова возило, лево од него беше паркирано уште едно исто такво со идентичен уред. Ни беше објаснето дека уредите ќе бидат активирани доколку има потреба, како и како да се однесуваме ако дојде до нивна активација“, изјавил изворот за Данас.

Според него, возилата биле позиционирани така што не можеле да се забележат поради оградата што го опкружувала Собранието поради градежни работи.

Иако уредот во оваа зона на крајот не бил активиран, изворот тврди дека слични уреди биле поставени на повеќе локации низ градот, а дел од нив биле и мобилни, односно немонтирани на возила.

Тој исто така навел дека секој одред на Жандармеријата во Србија (Белград, Нови Сад, Краљево и Ниш) располага со два вакви уреди, но досега никогаш не биле изнесени од базите – сè до протестот.

Особено значајно е тврдењето дека еден од уредите бил поставен во или покрај зградата на Претседателството, како и дека тракторите паркирани околу Пионирскиот парк биле позиционирани за да го ублажат евентуалниот звучен удар, бидејќи во паркот биле распоредени припадници на безбедносните сили.

Што се однесува до инцидентот во улицата Крал Милан, каде според сведоштвата на демонстрантите бил употребен овој вид на оружје, изворот на Данас вели дека не знае од каде тоа би можело да биде активирано, бидејќи тој се наоѓал кај Собранието.

Овие тврдења отвораат сериозни прашања за тоа дали „звучните топови“ навистина биле употребени против демонстрантите, под какви околности, како и дали српските власти ќе дадат официјално објаснување за нивното присуство на протестот.

Поврзани новости